(ВИДЕО) Предпладневна изборна хроника

од desk3
71 прегледи

Тука, на местото позади мене имаше парк којшто беше целосно уништен за да се изгради уште една нова барокна зграда. Како што слушнавме од „бомбите“, на Груевски постоечките згради му биле грди, па сакал да го разубави просторот. Не му било важно што ќе уништи уште едно парче од зеленилото на загаденото Скопје, не му било важно ниту дали ќе изгуби гласачи, бидејќи, како што слушнавме, сметал дека повеќето секако немало да гласаат за него, па не му биле важни.

Така се однесуваат и Никола Груевски и Коце Трајановски, кон зеленилото и кон дрвјата во Скопје. Долга е листата на уништени паркови, исечени дрвореди низ Скопје.

 

Истовремено, трошат милионски суми за проектот „Ден на дрвото“ а тој не дава резултати. Според Македонски Шуми, досега биле платени повеќе од 64 милиони садници кои чинеле над 10 милиони евра а на терен нема никакви резултати. И покрај целата акција, и покрај потрошените пари, се уште Скопје, заедно со Тетово, Битола и Кичево се едни од најзагадените градови во Европа.

Единствената придобивка од оваа акција е што Груевски може да се слика со лопата во рака. додека безмилосно ги троши парите на граѓаните.

Како што предвидовме во нашиот План за живот во Македонија, ќе направиме комплетна ревизија на спроведување на акцијата „Ден на дрвото” од стручен и финансиски аспект. Ќе утврдиме на кои површини се спроведуваше акцијата, колку средства се потрошени и колкав е ефектот од пошумувањето.

Со Груевски нема напред. Затоа граѓаните на 11 декември ќе го казнат и ќе изберат живот во Македонија.

gruevski

 

Проекти со кои се обезбедува зголемување на субвенционирањето во земјоделството, сточарството, за поддршка на развојот на руралните средини содржани во програмата „Реално“ презентираше денеска пред жителите на населеното место Банско лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“ и носител на листата за пратеници во 4. Изборна единица Никола Груевски.

Во контекстот на денешната акција „Денот на дрвото“, во која и самиот засади дрвце, рече дека еден од новите проекти на новата влада по изборите ќе биде субвенционирањето од 70 проценти за набавка на печки на пелети со што, како што рече, ќе се овозможи замена на старите печки на дрва и ќе се придонесе за значително намалување на загадувањето. Со мерката ќе се кофинансира и поставување на системи на пелети и во институциите. Во овој контекст, информира дека во завршна фаза е проектот за изградба на фабрика за пелети во Струшко, италијанска инвестиција по пат на јавно приватно партнерство, вредна еден милион евра која ќе донесе и над 20 вработувања.

Во областа на земјоделството истакна дека освен тоа што ќе продолжи силната поддршка на земјоделството и руралниот развој, за што се обезбедени вкупно 600 милиони евра, македонските земјоделци ќе добијат поддршка од државата во висина од 80 проценти од трошоците за вградување системи „капка по капка“ и за набавка на високоприносен добиток, а ќе ја зголемат и поддршката од 50 на 60 отсто за набавка на трактори, механизација и подигање насади.

– Високотехнолошките инвестиции во земјоделското производство, особено во оранжериско градинарско производство, ќе бидат поддржани преку програмите за рурален развој со кофинансирање на 60 отсто од трошоците. Ќе обезбедиме 90 отсто кофинансирање на малите земјоделски стопанства да се развиваат во поголеми. Ќе продолжиме со грантови од 10.000 евра за младите земјоделци кои првпат започнуваат да се занимаваат со земјоделство. Дополнително за млад земјоделец носител на семејно земјоделско стопанство ќе бидат обезбедени за 10 проценти повисоки директни плаќања во однос на останатите категории корисници, а развојните проекти кои се поднесуваат за програмите за рурален развој и ИПАРД од страна на земјоделци помлади од 40 години ќе бидат привилегирани во процес на рангирање при изборот, рече Груевски.

Меѓу проектите тој ги издвои и продолжувањето на значителната финансиска поддршка од 60 проценти од трошоците за осигурување на земјоделското производство, субвенции од 6.000 денари по хектар за подигнување насади со брзорастечки плантажни дрвја. Особено ја потенцира мерката на рурални развојни зони која, истакна, претставува голема шанса за развој на македонските села и за отворање нови вработувања.

 

Коалицијата „ВМРО – за Македонија“ денеска имаше средба со жителите на Струга, каде ја промовираше предизборната платформа и отвори изборен штаб.

Лидерот на ВМРО – Народна, Љубчо Георгиевски пред стружани ја промовираше идејата за секое село да биде општина, систем, кој според него, постои во секоја земја на Европската унија. Со тоа смета дека ќе се решат сите мултиетнички разлики, ќе се намали иселувањето и ќе донесе економски просперитет за граѓаните.

–  Вевчани е единствен пример село – општина и тоа им даде многу предности и можности за да преживеат како село. Зошто тоа да не се случува и во другите населени места. Во Струшко имаме села со пет па и 10.000 жители, големи населени места, а немаат ниту обична жиро сметка да може да управуваат со својата економија. Тоа се места каде има огромни фирми кои наместо да ги плаќаат даноците во сопственото село независно дали е тоа Лабуништа, Октиси, Радожда… тие ги плаќаат парите на друго место, а за возврат не добиваат ништо, рече Георгиевски.

Повикувајќи ги стружани да гласаат за коалицијата „ВМРО – за Македонија“ чиј носител на листата во 5. Изборна единица е Љубе Бошковски, рече дека очекува нивната коалиција тука да биде најголемо изненадување.

– Овие се прошетки без големи митинзи, но ова што го гледаме на секој чекор во Струга е доказ дека ВМРО се враќа дома, вмровците се враќаат во матичната партија, вмровците веруваат во нашиот и единствен лидер на ВМРО, Љубчо Георгиевски и мислам дека победата е на прагот, изјави носителот на листата Љубе Бошковски.

Коалицијата „ВМРО – за Македонија попладнево средби со граѓани ќе има и во Охрид, Ресен и Битола.

levica-savevski

 

Носителот на кандидатската листа на Левица во Изборната единица 4, Митко Николов денеска пред струмичани ја претстави изборната програма и мерките што ги опфаќа, како и сите поглавја од изборната програма.

Николов посочи дека политичката апртија Левица е на страната на обичниот човек, земјоделецот, работникот, корисниците на социјална помош и на, како што рече, сите обесправени во Македонија.

– Социјалните случаи не може да живеат со две илајди денари социјална помош. Политичката партија Левица во изборната програма предвидува наместо социјална помош минимален загарантиран приход за секое семејство по 12 илјади денари за четири лица за прехрана и хигиена. Не може да се живее со девет илјади месечно, а функционери по 90 илјади денари. Предвидуваме 15 илјади денари минимална плата во сите области, затоа што не може кожарска и текстилна индустрија да земаат плата помала од 15.000, вели Николов.

Левица не се согласува со зголемување на старосната граница за пензионирање, за, како што вели, решавање на проблемите со пензискиот фонд на грбот на работниците.

– Во нашата изборна програма предвидуваме и пензионирање врз основа на работен стаж. Со 35 години работен стаж да може работникот да замине во пензија, вели Николов.

Тој вели дека мерките на Левица се во насока на трансформација на капиталот и ресурсите од богатите кон сиромашните. Државата да одвојува поголеми средства за сиромашните за сметка на тоа даноците на богатите ќе бидат поголеми.

– Ние воведуваме прогресивни даноци за данок за добивка. Една компанија ако остварува голема добивка, а платите се минимални тој ќе биде оданочен високо. Да имаме удобен живот. Македонија не е толку сиромашна земја за имаме толку сиромашни луѓе. Македонија само не е добро организирана и капиталот не е добро распределен, вели Николов.

 

Лагите на ВМРО-ДПМНЕ и Никола Тодоров од ден на ден стануваат се поочајни и потрагични. Соочени со фактот дека граѓаните на 11 декември ќе им испорачаат тежок пораз, ВМРО-ДПМНЕ и Тодоров продолжуваат да ја лажат македонската јавност.

И затоа оттука, од срцето на Куманово им порачувам дека никави лаги за федерализации, за поделби нема да ги спасат од тешкиот пораз на 11 декември. Граѓаните се изморени од коруптивната власт и лажните ветувања.

 

Затоа на 11 декември, граѓаните ќе го изберат Планот за живот во Македонија како најдобра опција за излез од ова десетгодишно тонење. Граѓаните ќе изберат повисоки плати, ќе изберат пензии кои ќе ги следат животните трошоци. Ќе изберат просечна плата од 30 000 денари.

Младите ќе се одлучат за планот за живот во Македонија. Ќе се одлучат да останат тука. Ќе се одлучат за вистинска помош на домашните компании, за вистински проекти а не за лажни ветувања.

Граѓаните ќе се одлучат да има правда за сите. Да има правда и правичност за секој граѓанин подеднакво. Ќе се одлучат да се врати украдено, а криминалците никогаш повеќе да не управуваат со нашите животи.

Тодоров, Груевски и ВМРО-ДПМНЕ можат да лажат за што сакаат и колку сакаат, граѓаните веќе одамна не им веруваат.

На 11 декември граѓаните ќе ја поразат фамилијата во ВМРО-ДПМНЕ и сплотено ќе се одлучат да изберат живот, да изберат правда во Македонија.