(ВИДЕО) Русин со два средни прста ја прослави победата против Америка, па остана без злато

од Nikola Popovski

Данил Алдошкин, репрезентативецот на Русија во брзо лизгање, се извини откако во вторникот покажа два средни прста по победата против САД во полуфиналето на машката екипна трка.

Алдошкин, 20-годишен руски олимпиец, покажа среден прст набргу откако ја мина целната линија со Руслан Захаров и Сергеј Трофимов во рекордно време на Олимпијадата и го победи тимот на САД.

Победата им донесе на Русите билет за финалето и загарантиран медал на Зимските олимписки игри во Пекинг.

„Ги кренав рацете, го имам првиот медал, на првите Олимписки игри. Не мислев така. Жал ми е ако ова навреди некого“, рече тој по трката.

За постапката на Алдошкин се извини и претседателот на Руската федерација за лизгање, Алексеј Кравцов, но и тој застана во одбрана на младиот спортист, велејќи дека неговиот потег е „излив на емоции“.

„Емоциите преовладаа на целта. Се извинуваме ако некој поинаку ја разбрал оваа ситуација и ако ова некого навредило. Во име на Руската федерација за лизгање, се извинуваме“.

Захаров, 34-годишен ветеран на рускиот тим, кој веќе има златен олимписки медал во штафетата на 5.000 метри во 2014 година, рече дека реакцијата на Алдошкин не била со цел да покаже непочитување, туку дека тоа е прослава за рекордното време.

„Во брзо лизгање се бориме против времето, а не против противникот. Тоа беше чисто емотивна реакција“, изјави Захаров за РТ.

Русите во полуфиналето го соборија олимпискиот рекорд (3:36.61) кој претходно беше во сопственост на САД (3:37.08), но во финалето не успеаја да стигнат до златото кое го одбрани Норвешка.

Слични содржини