Судејќи по снимката од украинскиот град Бахмут, каде што се водат жестоки борби, руски војник ги молел Украинците да не го убиваат и на дрон му сигнализирал предавање. Наместо експлозив, Украинците му испратиле порака со упатства како да се предаде, пренесува „Телеграф“.
Борецот бил повикан да излезе од својот ров и на отворено поле за да може дронот да го придружува до украинската позиција. Тој се согласил со условите кои му ги дале, сигнализирајќи дека ќе го следи дронот во украинско заробеништво.
„Одред на беспилотни борбени летала откри руски војник кој побарал да не биде бомбардиран. Нашиот тим му испрати порака со барање да се предаде и да го следи дронот. Тој се согласи иако соборците му пукаа во грб“, изјави украинскиот командант Јуриј Федоренко.
Рускиот војник е приведен, потврди потпретседателот на украинската влада Михаило Федоров.
„Непријателот го забележа дронот и почна да гестикулира за да ја покаже својата желба да се предаде“, рече тој.
Откако рускиот претседател Владимир Путин почна да испраќа повици за мобилизација во руската војска, Украина објави детали и упатства како да се предадат, вклучително и преку телефонската линија наречена „Сакам да живеам“. Киев им вети безбедност на регрутите во замена за да го положат оружјето.