Материјалите од незаконското следење на комуникациите се од исклучително сензитивна и доверлива природа и заради обезбедување нивна максимална заштита, нема да ги предадеме во Специјалното јавно обивнителство, се до моментот додека не се обезбедат услови сите материјали да бидат соодветно и максимално обезбедени, изјави попладнево Петре Шилегов, портпарол на СДСМ.
– Од денешиот допис на СЈО потврдени се и нашите сознанија дека во моментов нема услови за таква заштита на материјалите. Соодветна заштита на материјалите подразбира и соодветно 24-часовно обезбедување, коешто ние не знаеме дали е обезбедено, бидејќи се уште не е донесен Законот за јавнообвинителска служба. Укажуваме дека се работи за исклучително високо ниво на сензитивен и доверлив материјал со приватни разговори, а голем дел од нив веројано содржат и информации класифицирани како службена и државна тајна и нивното евентуално губење, исчезнување, крадење или појавување во јавноста, би имало несогледливи последици за целиот правен и политички процес – истакна Шилегов.
Тој додава дека СДСМ е во целост подготвен да ја исполни законската обврска за доставување на материјалите од незаконското следење на комуникациите.