Груевски се согласил на анализа за спроведувањето на Рамковниот договор. Еве документ со архивски печат од Владата. Дали целта на неодговорниот Груевски е да разгори меѓуетнички тензии во Македонија само себеси да се спаси?-праша денеска портпаролот на СДСМ-Петре Шилегов.
Тој обелодени документ за кој тврди дека е со архивски печат од Владата и потпишан од вицепремиерот Муса Џафери со кој е договорено Владата и Европскиот институт за мир да одржат Конференција за анализа на спроведувањето на Рамковниот договор на 1 декември во Скопје.
Според Шилегов, Груевски измислува приказни за федерализација за да го покрие овој владин документ.
-Груевски се обиде да сокрие дека Власта стои зад Конференцијата за анализа на спроведувањето на Рамковниот договор, што треба да се одржи на 1 декември во Скопје. Потпишан е вицепремиерот за спроведување на Рамковниот договор, во име на Владата. Сега Никола Груевски мора да излезе и да им објасни на граѓаните на Македонија која е причината за Конференцијата.
