(Видео) Заев: Ја одбраниме демократијата во Македонија

од desk2
67 прегледи

Премиерот на Република Македонија испрати видео порака по повод 15 септември, Меѓународен ден на демократијата, во која порача дека „сите ние, граѓаните на Македонија, заедно успеавме – ја одбранивме демократијата во Македонија. Македонија е слободна“.

„Организацијата на Обединетите Нации по чиј мандат се одбележува овој ден утврди дека темата за 2017 година е „Демократијата и превенцијата на конфликти“.

Пораката која ја пренесуваат владите е дека сите земји мора да работат на зајакнување на демократските институции кои ќе овозможат промоција на мир и стабилност.

„Ги учиме лекциите од непријатните моменти и конфликти кои ја загрозуваа демократијата во минатото. Денес слободно можеме да кажеме дека сите ние, граѓаните на Македонија, заедно успеавме – ја одбранивме демократијата во Македонија. Македонија е слободна“, порачува Заев.

Според него, Македонија го одбра концептот на поделба на власта на законодавна, извршна и судска, кои не смеат да се преклопуваат, што е механизам кој мора да се почитува за да се ограничи државната власт и за да се заштитат човековите права и слободи.

„Продолжуваме во остварување на непосредната демократија. Следуваат локални избори на кои граѓаните директно ќе одлучат на кого ќе му ја доверат довербата. Ќе обезбедиме услови за фер и демократски избори за сите граѓани на нашава земја директно да ја практикуваат најголемата придобивка на демократијата – ДА ОДЛУЧАТ ЗА СЕБЕ“, додава Заев.