(ВИДЕО) Заев: “Пуч” да се отвори до крај, да се испишат учебници во Македонија, како не требало да се носи правдата во Македонија

од desk3
89 прегледи

 

Како што знаете јавно соопштив дека во врска со конструираниот, монтираниот и веќе доведен до ниво на апсурдност, случај „Пуч“, ќе се појавам на судско рочиште штом подпадне под надлежност на Специјалното јавно обвинителство.

Пред десетина дена Специјалното јавно обвинителство не информира дека предметот „Пуч“ е под негова надлженост.

Денеска на ова судење се појавивме затоа што стоиме на зборот.

Но, она што е важно, Специјалното јавно обвинителство, како независна институција, роди надеж за сите граѓани на оваа држава дека се враќа процесот на вистината, на правдата.

Јас верувам дека постојат огромен број на чесни професионалци во правосудниот систем на Република Македонија коишто ќе ја враќаат слободата, правдата, вистината и демократијата за сите граѓани на нашата земја.

Јас сум убеден дека токму тие професионалци ќе бидат исправени пред историскиот момент пред којшто е исправена нашата земја.

Македонија е тргната кон промени. Незапирлив е процесот на враќање на слободата, правдата, вистината и демократијата. Незапирлив е процесот на промени коишто ќе се случат во нашата Македонија.

Македонија очекува промени и промените ќе се случат.

Одговори на новинарски прашања,

Медиуми: Господине Заев, зошто сега се чувствувате толку сигурен кога Пуч е во рацете на СЈО? На што го темелите сето тоа?

Заев: Тоа што јас го знам 11 месеци, го знае цела Македонија. Странски служби за шпионажа нема. Предвремени избори се постигнати, постигната е и техничка влада. Тоа беа индикациите за насилство врз претставници на државни институции? Апсурден е целиот систем. Бараме правда, не барам предметот да падне, не барам предметот да се повлече, туку да се отвори до крај. Да се испишат учебници во Македонија, како не требало да се носи правдата во Македонија. Но, најважно од се да се испрати пораката дека правдата е достижна во Македонија не само за Заев, туку за сите граѓани, да можат да се надеваат и да очекуваат правда. Тоа е најважно.

Медиуми: Имате коментар нешто за рочиштетото за Поткуп?

Заев: Рочиштето за Поткуп е закажано за 25 јануари

Медиуми: Дали ќе присуствувате на тоа рочиште?

Заев: Јас имам покана за 25 јануари, ја имам прифатено. Сакам да обелоденам дека имам поднесено кривична пријава против јавниот обвинител кој го води процесот, Владо Милошески и судијата во предистражната постапка. Ве молам да се упатите за сите дејствија на поднесување на кривичната пријава, доставени материјали, потенцирам, од неовластено следење на комуникациите на Зоран Заев за да може да биде превземено од СЈО. На 25 јануари ќе бидам овде. Повеќе не коментирам.

Медиуми: Од СЈО велат имат услови да ги превземат снимките? Кога ќе ги предате?

Заев: Штом ќе бидат исполнети условите за предавање на снимките, ние тоа ќе го направиме. Јас сум совесен согласно закон носител на вакви информации коишто задират во интимната природа на огромен број на граѓаните на РМ. Штом ќе бидат обезбедени условите за чување на тие материјали комплетно со се како совесен имател, материјалите ќе бидат предадени.

Медиуми: Премиерот вчера рече дека има 24 часовно обезбедување, ги нуди сите услови што на една државна институција и следат, а и од специјалното јавно обвинителство велат дека штом ќе ги предадете тие ќе бидат на сигурно? Коментар за ова.

Заев: Само јас знам што треба за чување на тие материјали кои што 11 месеци сум ги чувал комплетно поради доверливоста на огромен број граѓани. Штом ќе имаме доволно информации дека се обезбедени условите тогаш и ќе ги предадеме материјалите.

Медиуми: Рековте дека имате некое судење за клевета сега во Струмица?

Заев: Тоа е за клевета против господинот Сашо Милковски кој што го тужам поради тоа што беше претерано злоупотребено како претседател на политички огранок на ГРОМ.

Медиуми: Ваш коментар за аферата со личните карти?

Заев: Уште еднаш да ги потврдам нашите ставови. СДСМ очекува од Министерството за внатрешни работи, обвинителството и судот да ја истерат истрагата до крај. Не би сакал да отварам дилеми, но само ќе кажам преку владините медиуми власта се обидува да ги извитопери сите факти потенцирајки и споменувајки дека во еден момент укажуваат дека овие фиктивни лични карти не се употребени за избори, за да денеска ја обвинуваат опозицијата за ова работа и истовремено треба да се разграничи што е тоа фиктивни лични карти предадени на крајни корисници, што е тоа фиктивни лични карти предадени преку Фокус и пријавени преку Министерството за внатрешни работи заради отварање на истрага. Се отвара дилемата зошто требало после една ипол година од кога се завршени последните избори да се отвори истрага за потенцијално фиктивни лични карти. Но, оставам да се занимават со целосна истрага Министерството за внатрешни работи, обвинителството и судството за да на крајот се даде одговор на прашањата кој, зошто, со каква намера и за која потреба фалсификувал лични карти.