
Противпожарната служба на Хамбург ги предупреди жителите на градот да не излегуваат од своите домови поради силната бура, која го зафати северниот дел на Германија, пренесе ДПА.
„Предупредување за Хамбург: Не излегувајте во моментов надвор, останете на заштитени места“, изјавија од противпожарната служба на Твитер.
Властите рекоа дека жена загинала во Хамбург, откако врз нејзиниот автомобил паднало дрво, кое било откорнато од силниот ветер. Противпожарната служба во градот реагирала на над 800 повици, соопшти Франс прес. Над 10 лица биле повредени како резултат на бурата Ксавиер која коренела дрвја и уништила повеќе покриви на згради во три германски покраини.
Поради невремето беше одлучено да бидат затворени две зоолошки градини во Берлин, а германската железничка компанија „Дојче бан“ одлучи да престане со движењето на возовите во пет провинции во Северна Германија – Долна Саксонија, Шлезвиг-Холштајн, Бремен, Хамбург и Берлин. Противпожарната служба во Берлин прогласи вонредна состојба и рече дека добила 50 итни повици за еден час.
Откажани беа некои меѓународни летови од аеродромите во Бремен и Хановер, а во градот Вилхелмсхафен бурата исфрли 1000-тонски кран. Германската метеоролошка служба изјави дека бурата може да достигне силата на ураган со ветрови со брзина меѓу 105 и 115 км/ч.