Ракометното дерби од македонскиот шампионат меѓу Вардар и Пелистер заврши со победа на домашниот тим, но ретко кој зборува за исходот на натпреварот.
Дуелот во салата „Јане Сандански“ го одбележа прекинот, кој лесно можеше да премине во инцидент од поголеми размери. Се играше 17. минута од натпреварот кога „Чкембарите“ влегоа во салата и веднаш почнаа да дивеат и да фрлаат со пиротехнички средства кон публиката на другите делови од трибините. Тогаш на паркетот се симнаа „Комитите“, а целосниот хаос траеше повеќе од десет минути.
Натпреварот беше во прекин, но судиите и делегатот решија да го продолжат, со присуство на публика, откако капитените разговараа со навивачите.
Вардар победи со 31:24 и има два бода повеќе од Пелистер во „шампионската група“.
Најефикасни во победничкиот тим беа Филип Талески и Дејан Манасков со по седум гола, додека Жарко Пешевски постигна пет за гостите.