Со која ставка се опфаќаат хонорари кои се заработуваат надвор од државата? Колкав прилив на буџетски средства се планира да се обезбеди преку воведувањето плаќање на придонеси за хонорарите? Дали се даночи целата сума на хонорарот или има даночно ослободување? Дали има ослободување на авторски хонорар за материјални трошоци и како тоа да се евидентира?

Ова се само дел од прашањата упатени до Министерството за труд и социјална политика преку Законот за слободен пристап до информации, организиран од Иницијативата „Не за плаќање на здравствено и пензиско осигурување за хонорари. Здравко Савески од левичарското движење Солидарност вели дека воведување на обврската за плаќање придонеси за хонорарците ќе резултира со осиромашување. Според него, акцијата е поттикната од бирократските процедури кои власта не знае да ги објасни-информира РСЕ.
„Власта не сакаше да не праша дали овие законски одредби се добри или лоши, сега ние сакаме да ја прашаме власта за некои прашања да ни објасни самата. Овие измени се противуставни и кршат редица уставни одредби и во врска со тоа ќе поднесеме претставка до Уставниот суд за тој да се произнесе за уставноста на овие законски измени.“
Претседателката на ССНМ Тамара Чаусидис вели дека законските измени за плаќање придонеси на хонорарците веќе го дале својот негативен ефект. Хонорарците се отпуштени, не се исплаќаат хонорарите, а давачките се поголеми од предвиденото.
„Не е првпат да се носат закони зад грбот на граѓаните, но првпат е која јавно им кажуваме – Ова веќе не може вака, мора да престане и тука сме со сите демократски средства да им покажеме дека не можат да не третираат како експеримент.“
Претседателот на независниот синдикат на железничари Марјан Ристевски вели дека како резултат на игнорирањето на власта биле приморани на ваков чин.
„Во парламентот има една институција пратенички прашања, ние од денеска воведуваме нов систем на прашања, тоа се граѓански прашања и во иднина ќе практикуваме вака се додека владата не ни одговара, во зависност која тема ќе ја имаме на исти начин ќе ја блокираме архивата на сите министерства и на владата.“
Пред Министерството, хонорарците најавија протест за петок 13, бидејќи сметаат дека црниот петок е соодветен за тоа колку е се’ црно во Македонија.
Извор: РСЕ
Видео: А1он