„Никакво „локално жариште“ никаква „шема на трансформација“ не би можела да функционира, ако на крајот преку низа последователни поврзувања, не се вброи во некоја сеопфатна стратегија. И обратно, ниту една стратегија не би можела да обезбеди сеопфатно влијание, доколку не најде потпора во точните и суптилни односи, кои не претставуваат нејзина примена ни нејзина последица, туку и служат како подлога и упориште“, преку овој параграф, извадок од големото истражување на францускиот социолог и филозоф Мишел Фуко „Историја на сексуалноста“, сакам да се надоврзам на вчерашниот настан, одржан во Кино култура, како дел од културниот манир „Викенд на гордоста во Скопје“, преку кој ЛГБТ заедницата го остварува слободниот израз, или посуштински – крикот за слободното битие.

Создавањето и размножувањето на стеротипите, стигматизирањата, одбегнувањето на темата „Сексуалноста и јас во сеопштото постоење“ е клучна матрица за неразбирањето на другиот, другоста што го вообразува битствувачкиот елемент на градење стварност во општеството. Кршењето на илузијата на традиционално поставени вредности е болен процес за еднодимензионалниот човек, воспитуван во духот на патријархот, големиот авторитет, лидерот, сопственикот на емоциите и духот.
Оттука, што е култура, кој ја гради истата и дали таа е матрица која се обидува да исфрли се она што би предизвикало драстична ментална промена кај граѓанинот е прашање кое треба да биде не само разгледно туку и конечно поагресивно поставено во јавниот и академскиот дискурс.

Начинот на кој преку јазичните конструкции се наметнува вулгаризирањето на ЛГБТ заедницата, и се она „другото“ што отскокнува од сегашниот разнишан еквилибриум е манеризам за уништување на секоја прогресивна ќелија, која не се обидувам да ја сместам во демократскиот контекст, туку во најсуштинскиот, хуманитетот во единката.
Тргнувањето од личните убедувања за тоа како треба да изгледа секуалноста, што е таа, како јас се чувствувам во врска со мојот фалус и вагина, е најоптоварувачкото прашање за еднонасочниот човек, кој се срами од самата помисла за сопственото голо тело. Надминувањето на стравот да се допре до суштината за тоа што е човекот, што престставува сексуалноста само по себе, надвор од програмираниот наталитет, репродукција е првиот чекор кон разбирањето на поинаквото од егоистичното јас како активно сексуално битие.

Како пример за прифаќање на телото во кое се наоѓа духот на едно битие е перформаност на шведската уметницата Мило Моире, која низ 30 секунди, овозможи обични поминувачи на улица да го допрат нејзиното голо тело. Заради овој перформанс, Моире беше уапсена од страна на полицијата во Лондон, со што јасно се демонстрира цврстата контрола на власта кон слободниот ентитет на човоекот.
https://www.youtube.com/watch?v=xTmfbr6cCTU
Големиот социолог Мишел Фуко, ослободен од сексуалната еднонасочност, докажа дека државата за да управува со одреден феномен, мора да го прифати како таков. Се што постои, се што не обликува како постоечки суштества, не е надвор од нашето актување во светот, тоа мора да биде прифатено, зошто секој обид на исклучување на поинаквиот е демонстрирање на ропство.
Вероника Камчевска
Илустрациите се дел од книгата „На делови“ од Марион Фајол