Викендов ќе се санира дупката на мостот во Драчево, сообраќајот по една лента

од Nikola Popovski
203 прегледи

Центарот за управување со кризи (ЦУК) информира дека викендов ќе се санира големата дупка на мостот на Маркова Река во населбата Драчево, поради што на овој потег ќе биде воведен времен сообраќаен режим.

-Оштетувањето на мостот ќе се санира со брзоврзувачки материјали на цементна основа, што ќе овозможат враќање на асфалтот за само 24 часа после реконструкцијата на коловозната плоча. Санацијата е планирано да се заврши за два дена, предвидено до поставување на асфалтната маса и од таа причина се бара период со минимална фреквенција на мостот, значи во еден период од 20-тина часа, сообраќајот на мостот ќе треба да се одвива по само една сообраќајна лента, со најмала можна брзина на движење, од околу 10км/h, велат од ЦУК.

Од таму додаваат дека сообраќајниот режим на овој потег ќе важи до завршување на градежните активности за санација на оштетувањата.

ЈСП Скопје исто така излезе со соопштение во кое информира дека во тој правец по изменет режим ќе возат линиите 31, 33, 41, 42, 51, 67 и 74.

-Во насока кон Драчево, возилата од булевар “Борис Трајковски” ќе вртат лево на семафорите кај Цементара, па по булевар “Србија”, потоа десно по булевар “Дванаесетта македонска бригада” ќе продолжуваат по траса на линија 33 низ село Горно и Долно Лисиче, па оттаму секоја ќе продолжува по својата редовна траса. Посочениот режим ќе важи и во обратна насока, велат од градскиот јавен превоз.

Слични содржини