Депортирањето на Новак Ѓоковиќ од Австралија секако е светска тема број еден кога е спортот во прашање. Најдобриот светски тенисер повеќе не смее да престојува во Австралија, а се знае кога ќе замине.
За случајот кој траеше 11 дена зборуваше и Матс Виландер. Седумкратниот Гренд слем шампион, сега професионален консултант во Еуроспорт, е познат како чест критичар на Србинот.
За почеток рече дека е шокиран.
-Изненаден сум и шокиран. И јас сум малку уморен бидејќи барем една недела слушаме за се. Морам да му оддадам почит на Новак бидејќи се трудеше, но во исто време знаеше дека има правила според кои требаше да се вакцинира. Треба да мислите на другите играчи, кои се во Австралија и кои прашуваа што се случува. Она што е одлична работа за мене, е тоа што ова е една од најголемите приказни на годината, засега. Тоа е тажна вест, но имаме победник – изјави Виландер, а потоа постави прашање.
– Дали мислам дека е фер? Да, мислам. Милиони луѓе умреа од коронавирус ширум светот. Австралија одлучи да воведе целосна забрана за влез за време на поголемиот дел од пандемијата. Австралијците страдаа психички и физички како и другите. Мислам дека Новак се обиде со се што можеше и мислам дека е многу тешко да се врати. Судијата мораше да сфати дека на овој начин ќе ја промени историјата на нашиот спорт. Но, што да се прави…посочи тој и продолжи:
– Не можам да замислам во каква состојба е сега Новак. Ова е неговиот омилен турнир, кој го освои девет пати, а се тркаше и за 21. Гренд слем трофеј и имаше шанса да ги претекне Роџер (Федерер) и Рафа (Надал). Според мене, сега постои шанса сите тројца да останат на 20, што би било неверојатно. Мислам дека играчите мислат дека можат да го победат Новак, но во исто време знаат дека е воин. Ќе си оди дома, ќе тренира и ќе се подготви за тврда подлога. Големото прашање е дали ќе може да патува низ светот? Новак Ѓоковиќ е фаворит за освојување на најмногу Гренд слем трофеи, но сега тоа нема да се случи – додаде 57-годишниот Швеѓанец, коментирајќи дека може да има промена на врвот на АТП листата.