Фудбалерот на Челси, Вилијан е подготвен да потпише привремен договор со цел да остане во клубот дури и по 30 јуни, кога му истекува првичниот договор.
Договорите на неколку фудбалери во Премиер лигата истекуваат на 30 јуни, но неизвесно е кога ќе продолжи лигата, по пауза од повеќе од два месеци поради пандемијата од коронавирус.
Лигата се надева дека натпреварот би можел да продолжи кон средината на јуни, што значи дека клубовите ќе треба да се договорат со играчите за нови договори.
Меѓународната фудбалска федерација (ФИФА) ги охрабрува клубовите и играчите да направат привремени договори за да ја завршат сезоната на вистински начин.
Арсенал и Тотенхем се заинтересирани за 32-годишниот Вилијан, а преговорите со Челси не напредуваат. Тој сака тригодишен договор, а Челси ретко им нуди такво нешто на играчи постари од 30 години.
Челси има уште девет кола во Премиер лигата, а клубот од Лондон има уште три можни натпревари во ФА Купот, бидејќи се квалификуваше за четвртфиналето.
„Ситуацијата е тешка затоа што Челси ми понуди две години и тие не сакаат да ја сменат понудата. Реков дека сакам уште три години. Затоа ситуацијата е тешка. Не знам дали ќе ми биде можно да останам. Целта е да продолжам да работам и да се концентрирам на остатокот од сезоната, така што Челси може да продолжи да победува. Јас сум смирен и фокусиран на тоа што останува од сезоната“, изјави Вилијан, објави веб-страницата на „Гол“.
„Мислам дека ќе биде тешко (да останам). Ќе видиме што ќе се случува“, додаде бразилскиот фудбалер.