По големата победа против Реал Мадрид, грузискиот голман Џорџи Мамардашвили откри дека Винисиус Жуниор му должи 50 евра и со тоа ги изненади присутните новинари во микс зоната.
Човекот на натпреварот откри дека разговарал со Бразилецот непосредно пред да го изведе пеналот на Реал Мадрид на средината на првото полувреме и дека се обложил со него во 50 евра.
„Разговарав со Винисиус и тој ми должи 50 евра“, низ смеа објасни грузискиот голман, на што новинарите во микс зоната го прашаа „Како, зошто“.
Следуваше одговорот на Мамардашвили.
„Го замолив да се обложиме 50 евра дека ќе му го одбранам пеналот. Тој се согласи, одбранив и победив. Требаше да ми плати по натпреварот, но се уште не ми даде ништо”, додаде голманот на Валенсија.
Грузиецот од почетокот на следната сезона ќе биде нов голман на Ливерпул, со кого потпиша договор минатото лето, но оваа сезона остана на позајмица во Валенсија.
Да додадеме како Валенсија го победи Реал Мадрид со резултат 2:1 и со тоа го прослави првиот триумф на стадионот „Сантијаго Бернабеу“ по цели 17 години.