Винисиус испрати порака по повод „Златната топка“, се огласија и од Реал: „Не нѐ почитуваат“

од Nikola Popovski
17 прегледи

Доделувањето на „Златната топка“ во изборот на „Франс Фудбал“ во Париз остана во сенка на скандалот поради непристигнувањето на тимот на Реал Мадрид бидејќи нивниот ас Винисиус Јуниор не беше прогласен за најдобар на светот. Самиот Бразилец испрати кратка порака, а се огласи и славниот клуб.

Еден месец пред доделувањето на „Златната топка“ се чинеше дека е познат новиот добитник и дека тоа ќе биде Винисиус Јуниор. Сепак, на денот на доделувањето, неколку часа пред почетокот на спектаклот во Париз, протече информација дека наградата ќе заврши во рацете на Родри од Манчестер Сити.

Тоа го слушнаа и во Мадрид, па решија да ја бојкотираат церемонијата и сите заедно го напуштија авионот што требаше да полета од Мадрид за Париз.

Откако на Родри му беше доделена Златната топка, а Вини заврши на второто место во светот, тој преку кратка порака објави:

„Ако треба, ќе го направам уште 10 пати. Тие не се подготвени“, напиша крилниот напаѓач на Реал Мадрид.

Се огласија и од самиот клуб.

„Доколку критериумите за наградата не го признаа Винисиус Јуниор за победник, тогаш јасно е дека според истите критериуми Карвахал требаше да биде победник. Бидејќи тоа не се случи, јасно е дека Златната топка и УЕФА не го почитуваат Реал Мадрид. Оттаму, Реал Мадрид не оди таму каде што не е почитуван“, се наведува во краткото соопштение на кралскиот клуб и актуелен владетел на Стариот континент, пренесува „АФП“.

Последниот играч на Реал кој ја доби оваа награда беше Карим Бензема во 2022 година, а оваа престижна награда во Мадрид ја донесоа и Лука Модриќ, Кристијано Роналдо, Фабио Канаваро и Бразилецот Роналдо.

Слични содржини