Напаѓачот на Реал Мадрид и репрезентацијата на Бразил, Винисиус е прогласен за играч број 1 на ФИФА за 2024 година. 24-годишниот стрелец nа европскиот клупски шампион го надмина освојувачот на „Златната топка“ оваа сезона, Родри, како и Лионел Меси.
Бразилскиот интернационалец со мадридскиот гигант триумфираше со Лигата на шампионите и со титулата во Примера во сезоната 2023-24.
Во октомври, Винисиус ја пропушти церемонијата за „Златната топка“ откако стана јасно дека нема да ја освои индивидуалната награда.
Наградата за број 1 на ФИФА беше доделена на специјална гала вечера во Доха (Катар). Најдобриот фудбалер на светската фудбалска централа го избираат тренерите и капитените на тимовите, новинарите и навивачите ширум светот преку онлајн гласање.
Карло Анчелоти, кој е на чело на Реал Мадрид, ја доби наградата за тренер на годината. Италијанскиот стручњак ги предводеше „белите“ до рекордната 15. европска титула.
Алехандро Гарначо триумфираше со наградата Пушкаш за најубав гол. Неговиот удар со ножички на натпреварот од англиската Премиер лига помеѓу Манчестер Јунајтед и Евертон се претвори во одличен погодок.
Голман на годината е аргентинскиот интернационалец Емилијано Мартинез од Астон Вила.
Во присуство на претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, играчот од средниот ред на Барселона и Шпанија, Аитана Бонмати беше избрана за број 1 кај жените втора година по ред.
Селекторот на американската репрезентација Ема Хејс беше прогласена за селектор број 1 за жени. Хејс ја освои титулата во женската Премиер лига со Челси, а потоа го освои златниот медал на Олимписките игри во Париз со тимот на САД.
Во среда, Лусаил (Катар) ќе биде домаќин на натпреварот за Интерконтиненталниот куп помеѓу Реал Мадрид и мексиканска Пачука.