Фудбалерот на Реал Мадрид, Винисиус Жуниор изјави дека истакнувањето на транспарент на кој играчот на Манчестер Сити, Родри ја има „Златната топка“ во раце му дал дополнителна мотивација да игра добро и да победи во првиот натпревар од плеј-офот во Лигата на шампионите.
Бранителот на титулата Реал Мадрид синоќа во Англија го совлада Манчестер Сити со 3-2 во првиот натпревар од плеј-офот за Лигата на шампионите. Навивачите на Сити кренаа транспарент на кој се гледа како Родри го бакнува трофејот „Златната топка“, со порака до Винисиус да не плаче, преку стих од песната на поп групата Оазис.
Родри на крајот на минатиот октомври ја освои „Златната топка“ за најдобар играч на светот, што го налути Винисиус и целиот мадридски клуб, бидејќи веруваа дека бразилскиот напаѓач ја заслужува наградата, поради што ја бојкотираа церемонијата на доделување во Париз.
Сити поведе со голот на Ерлинг Халанд во 19. минута, израмни Килијан Мбапе во 60. а Халанд повторно донесе ново водство на домашните во 80. минута. Актуелниот шампион израмни со голот на Брахим Дијаз во 86. минута, а победата ја обезбеди Џуд Белингем во втората минута од судиското надополнување. Винисиус асистираше за последните два гола на Реал Мадрид.
„Го видов транспарентот. Секогаш кога противничките навивачи ќе направат нешто такво, тоа ми дава повеќе сила да играм одлично и тоа е она што го направив овде“, изјави Винисиус за Мовистар, а пренесува Би-би-си.
Реал и Сити четврта последователна сезона играат во нокаут фазата во Лигата на шампионите, а петти во последните шест.
Минатата сезона Реал Мадрид победи во четвртфиналето на пенали, а тимот на Карло Анчелоти подоцна ја освои 15-тата титула.
„Тие ја знаат нашата историја, се што правиме на ова натпреварување. Ова е петти пат како доаѓаме овде, секогаш е многу студено, но овој пат победивме и мораме да продолжиме така“, рече Винисиус.
Реваншот е закажан за следната среда во Мадрид.