Капитенот на Ливерпул, Вирџил ван Дајк, верува дека со новиот менаџер Арне Слот, тимот влегува во нова ера. „Црвените“ во неделата стигнаа до удобна победа од 2-0 над Брентфорд во Премиер лигата.
Ливерпул доминираше, постигнувајќи извонреден гол од контра-напад во 13. минута кога Луис Дијаз го постигна својот прв гол сезонава во горниот агол. Мохамед Салах ги прекина надежите на гостите дека ќе им одземе нешто од патувањето на „Енфилд“ со втор гол на 20 минути до крајот.
Така, Слот сега има две победи од 2-0 од два меча и во оваа фаза успешно се справува со тешката задача да го замени Јирген Клоп. Следниот викенд, Слот ќе го има најважниот тест досега на гостувањето кај големиот ривал Манчестер Јунајтед.
„Времето со Јирген беше неверојатно и ние само што почнуваме со новиот менаџер, но веќе можете да видите дека тој има свој стил“, изјави капитенот на Ливерпул за Sky Sports.
„Работиме на толку многу аспекти од играта со и без топка што му дава самодоверба на тимот. Не можеме да го заборавиме периодот на Јирген, но тоа е минато и сега е време за нова ера и се надеваме дека новиот тренер ќе биде исто толку успешен. Мислам дека ако бевме порелаксирани ќе можевме да имаме повеќе простор на моменти, но сепак тоа е работа во тек. Имаме многу да подобриме и ќе го направиме тоа“, додаде Ван Дијк.
Ниту еден менаџер на Ливерпул од Греам Сунес во 1991 година не започнал со победи во првите два првенствени натпревари.