Вирусна бомба во Стразбур (ВИДЕО)

од Vladimir Zorba
247 прегледи

Околу 400 гледачи се собраа на фудбалскиот натпревар одигран во неделата во близина на Стразбур.

Се сретнаа клубови од долните лиги Нојхоф и Хотепјер, и ова не би било необична вест доколку пандемијата на коронавирус не беше во полн ек.

Досега таа однесе скоро 30.000 жртви во Франција, а Стразбур беше едно од жариштата.

Снимките на гледачите кои влегуваат на терен и слават голови се појавија на социјалните мрежи.

Полицијата реагираше и интервенираше, но штетата веројатно веќе е направена.

„Глупоста и неодговорноста можат да доведат до катастрофална здравствена состојба во нашиот регион. Нашата област и медицинскиот персонал никогаш не треба да влезат во нова драма“, изјави заменик-градоначалникот на Стразбур, Серж Олер, за француските медиуми.

„Имаме видеа, ќе провериме сè и сигурно ќе има санкции“, додаде тој.

Лекар во болницата Пити-Салпјетр во Париз, професорот Гилберт Дерај, изјави дека се плаши дека нелегалниот натпревар ќе предизвика нови случаи на вирусот „Ковид-19“.

„Беше целосно неразумно. Вирусот е сè уште присутен и ваков настан може да биде мала вирусна бомба“, рече Дерај.