Пред два дена во Македонија е регистрирана најголема потрошувачка на електрична енергија во последните 30 дена, информираат од ЕВН. Од 17 јуни до 17 јули потрошени се вкупно 405.028 мегават часови електрична енергија, за што велат дека се должи на високите температури.
„Најголема потрошувачка од 16.015 мегават часови е забележана на 17-ти во еден од најтоплите денови во овој период со минимални 21, а максимални 38 степени Целзиусови“, известија од електродистрибутивната компанија.
Од ЈП „Водовод и канализација – Скопје“ известуваат и за зголемена потрошувачка на вода поради високите температури и апелираат до граѓаните рационално да ја користат водата, да не ја користат водата за полевање зелени површини, градини и ниви, за перење автомобили или полнење базени.
Според УХМР целата земја е под портокаловата шифра за високи температури и во наредните денови, а Владата го продолжи периодот на препораки за работа во овој период до 25 јули. Поради опасност од пожари, забрането е движење во шумите, со исклучок на планината Водно, каде ќе се проверуваат лицата кои бараат засолниште во шумата. Веќе една недела температурите во земјава во текот на денот не паѓаат под 36 степени во сенка.