Високите трошоци за одржување и загревање ги затворија базените во Македонија

од Vladimir Zorba
198 прегледи

По минатонеделното затворање на градскиот базен во Куманово, од утре клуч на врата ќе стави и базенот кој работи во склоп на спортскиот центар Борис Трајковски во Скопје. Според известувањето кое денеска осамна на влезот на базенот, причина е сериозен дефект во системите за греење. Колку ќе чини поправката и колку долго ќе трае отсранувањето на дефекот не се знае но „Локално“ дознава дека базенот нема да работи најмалку 10 дена.

Дел од тренерите на 33-те клуба кои ги користат услугите на базенот, а со кои разговаравме, велат дека и тие денеска дознале за проблемот. Затекнати се од ситуацијата бидејќи како што велат затворањето на базенот практично значи дека се прекинува тренажниот процес на околу 400 пливачи и репрезентативци и тоа непосредно пред одржување на Националното првенство во пливање, подготовките за Светското првенство во Јапонија и редица други веќе закажани меѓународни натпревари на кои овие деца треба да ја претставуваат нашата држава.

Од Националната пливачка федерација за „Локално“ велат дека за проблемите кои ги имаат базените веќе ги запознале надлежните институции и дека забрзано се бара решение со оглед на тоа што единствениот базен кој во моментов може да се користи е малото корито на Олимпискиот базен во Скопје кој, реално не може да ги задоволи потребите на пливачите бидејки е плиток и прилагоден за пливачи почетници.

Минатата недела ЈП Чистота и зеленило од Куманово кое менаџира со СРЦ Базени, информираше дека градскиот базен се затвора се до решавање на енергетската криза во земјата.

„Новонастанатата енергетска криза во државата со рапидно поскапување на електричната енергија кон правните субјекти и тоа до десет пати за електрична енергија и четири пати за природен гас, нè става во ситуација како ЈП да генерираме енормни загуби во секојдневното работење на овој спортски комплекс и истиот сме приморани да го ставиме вон употреба во овој зимски период“, информираа надлежните.

На овој базен тренираат пет пливачки и еден ватерлполо клуб со над 300 пливачи.

К.В.С.

Слични содржини