Во англискиот фудбалски свет се случува вистинска трансферна „бомба“. Ливерпул е на чекор до потпишување договор со Флоријан Вирц, еден од најбараните играчи во моментот. Вирц, офанзивен играч за врска од Баер Леверкузен, привлече внимание на најголемите европски клубови како Реал Мадрид, Баерн Минхен и Манчестер Сити. Но, токму Ливерпул успеа да излезе како главен кандидат и е на добар пат да го доведе 21-годишниот германски репрезентативец.
Познатиот фудбалски новинар Фабрицио Романо ја потврди веста дека преговорите се во завршна фаза и дека „Црвените“ се многу оптимисти дека ќе го завршат трансферот успешно. „Ливерпул и Флоријан Вирц се блиску до договор, а клубот е уверен во позитивен исход“, напиша Романо, додавајќи дека разговорите меѓу клубовите се на напредно ниво. Пазарната вредност на Вирц се проценува на околу 140 милиони евра, што го прави еден од најскапите млади таленти во Европа.
Флоријан Вирц е дел од првиот тим на Баер Леверкузен од 2018 година, а оваа сезона има одлични бројки – 16 голови и 15 асистенции во 45 натпревари. Исто така, од дебито за германската репрезентација во 2021 година има 29 настапи и шест постигнати голови. Со ваквите бројки и интерес од врвните клубови, трансферот на Вирц во Ливерпул би бил големо засилување и голем удар на трансфер-пазарот ова лето.
View this post on Instagram