Секоја дама сака да има уредни и средени нокти кои изгледаат убаво. Некои претпочитаат кратки и природни, други ги лакираат со една боја, а трети ги надоградуваат со гел или акрил.
Секако, навистина е супер што на тој начин околу еден месец не морате да се грижите за обновување на бојата, но она за што дефинитивно треба да се грижите е какви последици може да има оваа навика за вас.
Кога избирате козметички салон, најважно е да ги послушате искуствата на другите, да биде сертифициран, да работат професионалци и условите да бидат на високо хигиенско ниво, дури и ако тоа значи да платите повеќе за услугата. Никогаш немојте да се водите по тоа дека маникир си е маникир, па да завршите со ужасни нокти и потенцијални зарази и заболувања, само затоа што сте сакале да заштедите.
Најпрво, имајте предвид дека сите производи за разубавување на ноктите содржат ацетон и формалдехид, кои сами по себе се доволни за физичко оштетување на површината на огнот. Во салоните има испарувања од козметичките препарати, па исто така е важно да знаете дека е редовно проветрувано или има соодветна вентилација.
Реалната опасност потекнува најмногу од приборот за обликување, ножичките, турпиите и ноктариците, кои треба да бидат стерилни пред употреба. Но, многупати сме сведоци дека една иста турпија се користи на повеќе клиентки, па дури потоа се менува. Понекогаш се неизбежни физички оштетувања на кожата околу ноктите, а остатоците од тоа се одлична подлога за развој на бактерии. Доколку приборот не е стерилен, на ноктот може да се пренесе бактеријата Pseudomonas, која додека „живее“ меѓу ноктот и гелот или акрилот, предизвикува оштетување и непријатна сино-зелена боја.
Иако оваа бактерија сама по себе не е животозагрозувачка, може да биде доста болна и непријатна. Затоа, бидете одговорни и не се обидувајте да заштедите пари на маникир. Имајте предвид дека за да може да се „фатат“ гелот или акрилот на вашиот нокт, мора да бидат механички симнати површинските слоеви, а тоа го прави порозен на хемикалии и потенцијални бактерии.