Вистински хорор во еден од најголемите европски градови: Луѓе повраќаат, миленици умираат, а стаорци трчаат насекаде

од Nikola Popovski
184 прегледи

Валкани пелени, мувлосан кромид, полуизедено месо… Одвратни сцени на улиците секојдневно ги пречекуваат жителите погодени од штрајковите на ѓубреџиите во Бирмингем. Преморените жители бараат итна акција од тамошниот градски совет за да се стави крај на кризата која предизвика здравствена опасност додека џиновски стаорци трчаат по улиците. Освен луѓето, страдаат и животните. Имено, британски „Мирор“ пренесува дека жена пронашла мртва мачка, за која постои сомневање дека е убиена со отров наменет за стаорци.

„Сум видел стаорци големи како мачки, влегуваат во куќи и автомобили. Ние не сме животни, но живееме како животни. Ова е прашање за здравјето на луѓето. Вака живеењето е опасно за животот. Ние не сме ништо подобри од тоа да живееме во канализација. Се сопнуваме преку ѓубрето, возиме наназад преку ѓубрето. Дури и ако спорот се реши, преостанатиот отпад што треба да се подигне ќе трае вечно. Не би поверувале дека ова се случува во Велика Британија. Мојата улица врие од стаорци. Водиме изгубена битка“, рекол Џонатан Вард, шеф на Одделот за одржување на станови кој ги проверува имотите на Спаркбрук.

„Ова е ужасно. Тоа е опасност по здравјето и ситуацијата е целосно надвор од контрола. Ни треба градскиот совет да дејствува сега. Не можеме повеќе да живееме со ова, потребна ни е брза акција“, коментирало 18-годишното момче, кое живее во Бирмингем.

Четириесетгодишен маж, исто така, зборувал за ситуацијата: „Моите корпи за отпадоци не се подигнати веќе четири недели и тешко ми е да добијам термин на депонија“.

Музичарот Дарен Адерли (55) живее со својата 15-годишна ќерка во населбата Балсал Хит.

„Проблемот во оваа област е што имаме многу мали куќи и мали улици, така што ѓубрето навистина се трупа. Исто така, ноќе луѓето фрлаат ѓубре. Јас лично сум на страната на чистачите. Ова има врска со централната власт, не само со градскиот совет на Бирмингем“, вели тој. Инаку, штрајковите почнаа на 11 март.

„Не можам да ја отворам вратата од мојата задна градина поради планините со ѓубре. Како да живеам во земја од третиот свет. Смрдеата ме тера да повраќам секогаш кога ќе излезам надвор. Ќесите се растргнати од мачки и стаорци. Проблемот со глодарите ми создава мачнина. Се јавив во Градскиот совет на Бирмингем, но тие апсолутно не помагаат. Би можела да се преселам од Бирмингем. Ова е апсолутно валкано“, истакнува една локална жена.

Протестот на комуналните работници во Бирмингем кој влегува во шеста недела ги претрупа улиците со ѓубре. Членовите на синдикатот со големо мнозинство ја одбија последната понудата за плата од градскиот совет и бараат повеќе.

Слични содржини