Витанов: Кога Владата интервенира преку контрола на цени, често прави повеќе штета отколку корист

По маркетите гледаме налепници „се грижиме“ - демек Владата се грижи, а народот не разбира дека и за таа налепница од Буџетот се одвоени пари и дека тоа исто ја крева цената што ја ограничуваат, вели економистот Витанов за „Локално“

од Nikola Popovski
1,7K прегледи

Трговските маржи за 102 групи на производи завршуваат денес. Истекува владината мерка за нивно ограничување, а од Министерството за економија денеска најавија дека цените постојано се следат и ако има било какво зголемување, веднаш ќе се интервенира со уште подраконски казни.  Ограничувањата на маржите почна на 20-ти февруари. Мерката донесе преку 600 инспекциски контроли во трговијата на големо и на мало. Беа затворени осум објекти, претежно увозници на овошје и на зеленчук. Казните собраа преку 3 милиона денари. Од друга страна, опозицијата ја критикува мерката, тврдејќи дека наместо решение за цените, добивме маркетиншки трикови без реален ефект.

За дел од експертите најдобрата економска политика е таа во која Владата најмалку се меша. Кога пазарот функционира слободно, без политичко диктирање, тогаш тој природно ги распределува ресурсите онаму каде што се најпотребни. Според економистот, Зоран Витанов, компаниите се натпреваруваат, цените се формираат транспарентно, а иновациите се движечка сила на напредокот.

Зоран Витанов

-Кога владата интервенира – преку контрола на цени, субвенции или регулации – таа често прави повеќе штета отколку корист. Наместо да го реши проблемот, го продлабочува: се создава недостиг, се гасне претприемништвото, а граѓаните стануваат зависни од системот. Запомнете дека економската слобода е основа за секоја друга слобода. Кога државата контролира колку ќе заработиме, што ќе купиме или како ќе инвестираме, таа всушност ја контролира нашата иднина. Ниту една влада и ниту еден министер не е ниту приближно успешен како претприемачите на слободен пазар. Како тогаш очекувате помалку успешните да знаат да напрваат економски рзвој поголем од оние кои веќе успеваат на пазар во услови на остра конкуренција? Пазарот со кондиторски производи веќе функционира во услови на остра конкуренција и уште повеќе се заострува со влегувањето на ЛИДЛ, вели Витанов во разговор за „Локално“.

Соговорникот потсетува дека најуспешниот ланец во Македонија на 100 милиони бруто обрт, има нешто под 5 милиони нето профит.

-Тоа е под 5%! Просечна банка во Македонија на 100 милиони има нето профит 30 милиони, а во структурата на профит најголема ставка не се од кмаати пласирани кредити, туку замислете – провизии. Апелирам до Владата да се позанимава со тоа, а да ги остави маркетите слободно да функционираат, потенцира економистот и повторува дека ако сакаме силна економија и слободно општество, мора да го почитуваме едноставното, но моќно правило: повеќе пазар, помалку Влада.

-Ако Владата и министрите во било која земја се способни, ќе функционираат на услови на слободен пазар каде што знаат претприемништво, разбираат продажба и маркетинг, ќе пласираат средства и ќе прават профит. Нели гледаме дека најчесто оние кои што се најуспешни на пазарот, не сакаат ни да слушнат да влезат во Македонија. Во земјава има луѓе со успешни компании на слободен пазар и не сакаат да влезат во политика затоа што се доволно компетентни да креираат нова вредност на пазарот. Од друга страна, најчесто, со чест на екстремно мали исклучоци, во политиката влегуваат за министри во економските ресори, луѓе кои што немаат практично економско искуство на пазарот и не креирале вредности. Сега се наметнува логично прашање – како такви луѓе ќе знаат да регулираат како повеќе вредност на пазарот да донесат оние што веќе креираат вредност на пазарот, нагласува Витанов.

Соговорникот оценува дека оваа тема е многу важна, но, за жал, кај најголемите партии во државата во моментов нема здраворазумен економски лик кој што размислува за либерална и пазарна економија.

-Некако остатоците од комунизмот се уште ни се…И тоа знам зошто е – заради популизам. Затоа што грото од луѓето се сиромашни и наместо да донесат здрави мерки, полесно им е популистички мерки да донесат. Кога одам по маркетите, гледаме налепници со „се грижиме“. Демек Владата се грижи, а народот не разбира дека и за таа налепница од Буџетот се одвоени пари и дека тоа исто ја крева цената што ја ограничуваат. Огромно незнаење владее во економијата, додава Витанов и се согласува дека алкохолот и цигарите не треба да се дел од новата потрошувачка кошничка.

Според министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, мерката дала позитивен резултат бидејќи, повикувајќи се на официјални податоци, рече дека во споредба со февруари, во март има дефлација од 1,3 отсто во делот на храна и пијалаци, односно намалување на цените. Податоците за април, исто така, како што рече, укажуваат на намалување на цените на храната и пијалаците.

Министерот најави дека од 1 мај Државниот пазарен инспекторат ќе се врши контроли на терен за да се види дали по завршување на мерката ќе има енормно зголемување на цените на производите. Ако се утврди дека маркетите се однесуваат девијантно во и енормно ги зголемат цените, како што рече, ќе бидат воведени поригорозни мерки.

Трговците да имаат своја веб-страница каде ќе ги објавуваат цените на сите свои производи. Ова беше само една мерка која премиерот Христијан Мицкоски кажа дека ќе ја предложи на седница откако ќе се разгледаат анализите за цените од пазарниот инспекторат. Два месеци подоцна мерката стапи на сила. Од 18-ти април сите маркети, аптеки и продавници за техника и мебел ќе мора да ги објавуваат цените на своите производи на официјална веб-страница. Објави на социјални мрежи нема да се сметаат за исполнување на обврската. Трговците се должни да ја објават тековната цена по која се продава производот, единечната цена, промотивната или цената со попуст за секој одделен производ. За производите што се продаваат по промотивна или цена со попуст трговецот е должен да ја означи и нивната редовна цена, процентот или износот на намалувањето на производот, како и времетраењето на промоцијата или попустот. Ажурирањето на цените трговците треба да го вршат на дневна основа, секој работен ден до 10:00 часот. Во случај на ненамерна техничка грешка во ажурирањето на цените, трговецот треба да ја коригира во рок од 24 часа.

При крај е и изработката на просечната потрошувачка кошница од Министерството за економија и труд, која по повеќе од 12 години ќе биде изготвена од официјална институција. За април Синдикатот пресмета дека на едно семејство му се потребни 62.691 денар за да го помине месецот.

Дали конечно ќе профункционира Законот за нефер трговија за кој прво се остави простор за прилагодување, па потоа немаше казнување, туку само опомени, од Владата одговорија дека за да може да се прават проверки, Комисијата повторно ќе добие засилување, овојпат со осум нови вработувања. Очекувањата и од претходната и од сегашната Влада се со законот да се стави ред во синџирот на трговијата.

Н.П.

Слични содржини