Атлетико Мадрид на прес-конференција официјално го претстави своето ново засилување Аксел Витсел. Белгискиот играч за врска потпиша со тимот откако му истече договорот со Борусија (Дортмунд).
„Ви благодарам на сите за топлото добредојде. Тренинзите се многу силни, но мораме да бидеме такви за да бидеме физички подготвени кога ќе започне првенството. Бев слободен и го избрав Атлетико бидејќи сакав да продолжам на високо ниво. Знам дека немам уште десет години во фудбалот, но преостанатото време сакам да го поминам на највисоко ниво што ми го нуди Атлетико“, беа првите зборови на белгискиот интернационалец.
„Играчите ме прифатија многу добро. Зборувам малку шпански, што ги олеснува работите. Се разликува од Дортмунд, но јас сум многу среќен. Диего Симеоне е еден од најдобрите тренери во светот. Тој исто така е една од причините што јас сум тука. Во последните денови трениравме екстремно цврсто и немав прилика многу да разговарам со него, но горд сум што соработуваме. Не е важно дали сум 23 или 33, секогаш има што да се научи од него“, истакна играчот од средниот ред.
„Мојата улога во Атлетико ќе биде како во репрезентацијата – дефанзивен играч за врска. Можеме да бидеме пет играчи од средниот ред на теренот. Од мене се бара да обезбедам рамнотежа и да ги прекинам контранападите на противникот“, заклучи Аксел Витсел.