Владата денеска на седница костатирала дека постои потреба од дополнително усогласување на Предлог законот за амнестија, предложен од Министерството за правда, со надлежните институции.
– Владата, на денешната седница го разгледа текстот на Предлог законот за амнестија предложен од страна на Министерството за правда. По разгледувањето на состојбите во областа што треба да се уреди со законот, целите, начелата и основните и конкретни решенија опишани во текстот на Предлог законот за амнестија, Владата констатираше дека постои потреба од дополнително усогласување на Предлог законот за амнестија со надлежните институции, соопшти вечерва владината прес-служба.
Министерството за правда на 13 месецов соопшти дека подготвило Предлог закон за амнестија, со кој се овозможува ослободување и намалување на затворски казни за лесни кривични дела.
Од МП тогаш наведоа дека очекуваат предлогот да биде усвоен на наредната седница на Владата и оти е доставен до координаторите на пратеничките групи во Собранието.
– Целта е да се овозможи рестеретување во казнено поправните установи со оглед на фактот што состојбата таму во изминатиот период е алармантна, а тоа беше потенцирано во бројни меѓународни извештаи како и од Комитетот против тортура во рамките на Советот на Европа, објасни Министерството.
Со законот се предлага лицата на кои им е изречена казна затвор до шест месеци потполно да се ослободат од издржување на казната. Осудените лица на кои им е изречена казна затвор над шест месеци, се ослободуваат од издржување на 30 проценти од целокупната казна изречена со правосилна пресуда.
– Амнестијата не се однесува на лицата кои се осудени на доживотен затвор, за кривично дело убиство, за кривични дела против изборите и гласањето, против половата слобода и половиот морал, против државата, против човечноста и меѓународното право, за кривичните дела „Злоупотреба на службената положба и овластување”од член 353 , „Несовесно работење во службата” од член 353-в, сите од Кривичниот закон, за кривични дела против јавниот ред од членовите 394 до 394-г од Кривичниот законик, како и за кривични дела сторени при вршење на семејно насилство и родово базирано насилство, информираше Министерството за правда.
Амнестијата, како што појаснија, не се однесува за кривични дела „Разбојништво” од член 237 став 5 и „Разбојничка кражба” од член 238 став 5 од Кривичниот законик, за кривичните дела „Измама на штета на средства на Европската Унија” од член 249-а, „Перење пари и други приноси од казниво дело” од член 273, „Злоупотреба на службената положба и овластување” од член 353, „Несовесно работење во службата” од член 353-в, „Примање поткуп” од член 357, „Давање поткуп” од член 358, „Давање награда за противзаконито влијание” од член 358-а и за „Примање награда за противзаконито влијание” од член 359, сите од Кривичен законик.
– Амнестијата не се однесува на лицата кои делата кои се предмет на амнестија ги сториле по 1 септември 2023 година. Амнестијата не се однесува на лицата кои во време на сторување на делата биле избрани и именувани лица во Република Северна Македонија. Амнестијата не се однесува на правосилно осудени лица за кои до денот на влегувањето во сила на овој закон е наредено издавање на потерница поради недостапност на органите за кривичен прогон, наведуваат од Министерството за правда.