Владата на Република Северна Македонија, на денешната седница утврди текст на Предлог на закон за забрана на нефер трговски практики, во синџирот на снабдување на земјоделски и прехранбени производи.
Креирањето соодветна правна рамка за оваа област, за прв пат во Република Северна Македонија, како што е образложено од Министерството за економија, јасно ги дефинира основите, правилата и мерките за отстранување на нерамнотежа во преговарачката моќ.
Станува збор за примена и целосно хармонизирање со европски директиви за нефер трговски практики во односите меѓу претпријатијата во синџирот на снабдување со земјоделство и храна – треба да обезбеди примена на европските практики во целокупниот синџир на снабдување со земјоделски и прехранбени производи, како и во поглед на поширокиот опсег на неговиот предмет на уредување.
Се очекува, да се постигнат позитивни ефекти во деловното работење кај сите оператори (купувачи и добавувачи), кои се активни во синџирот снабдување со земјоделство и храна во различни фази на производство, преработка, маркетинг, дистрибуција и малопродажба на земјоделски и прехранбени производи и соодветна примена на забраните на нефер трговски практики во синџирот на снабдување на земјоделски и прехранбени производи. Исто така, се обезбедува начин за поефикасни контроли и надзор на Комисијата за заштита на конкуренцијата, којашто добива дополнителна надлежност.
Владата го утврди и текстот на Предлогот на закон за изменување на законот за јавнообвинителска служба.
Со предложените измени и дополнувања, како што е образложено од предлагачот, Министерството за правда, врз основа на Законот за изменување и дополнување на Законот за минималната плата во Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија”број 41/22), се вршат соодветни измени на Законот за јавнообвинителска служба, при што минималната плата е утврдена како компонента на основната плата. Со предложените измени на Законот за јавнообвинителска служба се предлага трансформирање на минималната плата од компонента на основната плата – во дополнителни бодови за звање.
Утврден е и текстот на Предлогот на закон за изменување на законот за судска служба, на предлог на Министерството за правда, со истата цел.
Односно, со предложените измени и дополнувања, врз основа на Законот за изменување и дополнување на Законот за минималната плата во Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија”број 41/22), се вршат соодветни измени на Законот за судска служба, при што минималната плата е утврдена како компонента на основната плата. Со предложените измени на Законот за судска служба, се предлага трансформирање на минималната плата од компонента на основната плата – во дополнителни бодови за звање.