Владата на денешната седница донесе одлука за ограничување на бруто профитната маржа (БПМ) во трговија на големо и во трговија на мало и одлука за утврдување на највисоките цени за одделни производи во трговијата на големо и во трговијата на мало, како и ограничување на цените на осум групи основни производи.
Како што информира на денешната прес-конференција заменик министерот за економија и труд Марјан Рисески, со цел да се заштити животниот стандард на населението односно да се намалат трошоците за живот во потрошувачката кошница за храна и пијалоци и кај средствата за лична хигиена, Владата донела одлука со која се ограничува маржата во трговија на големо и трговија на мало на 102 групи на производи или на над 1000 прехранбени и непрехранбени производи.
И тоа: на 5 отсто БПМ на основните осум прехранбени производи и тоа млеко, леб, брашно тип 400 и 500, јајца, масло за јадење, јогурт и кисело млеко или вкупно осум групи на производи, на 10 отсто ограничена БПМ на прехранбени производи каде опфаќа група од 55 прехранбени производи – месо и преработки од месо, шеќер, млечни производи, маргарин, путер, конзервиран зеленчук и овошје, грав, ориз и тестенини, и на ограничување на 15 отсто на БПМ на 39 прехранбени производи и средства за хигиена и тоа свежо овошје и зеленчук, детергенти, бебешка храна, пелени, сапун, тоалетна хартија и слично.