Владата е сојузник на работниците, вели Ковачевски по повод 1.мај

од Vladimir Zorba
309 прегледи

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски упати честитка до сите граѓани по повод 1 Мај- Меѓународниот ден на трудот.

„Во мое име и во име на Владата на Република Северна Македонија, ви го честитам Меѓународниот ден на трудот-1 Мај.

Изразувам огромна почит кон сите кои со својот труд обезбедуваат стимул и развој на нашата држава.

Дури и во услови на најголемата економска и енергетска криза која ја паметиме во изминативе децении”, вели премиерот Ковачевски, во видео честитката за Денот на трудот.

Премиерот Ковачевски потсети на достигнувањата на Владата во однос на работничките права.

„Системските решенија до кои дојдовме преку социјалниот дијалог дадоа резултат и го зацврстија партнерството и со синдикатите и со сите засегнати страни.

Токму затоа, денес, минималната плата е над 20.000 денари, што е зголемување од 100% во однос на 2016та година. Предвремено го исполнивме ветувањето за просечна плата над 500 евра, а и ги зголемивме платите во образование, во здравство и во безбедносните сектори.

Поставивме здрава основа и затоа и минималната и просечната плата, континуирано ќе растат. Го почитуваме и цениме трудот на секој работник и поради тоа, денес ние веќе не сме дестинација со евтина работна сила.

Денес, инвеститорите ја препознаваат стабилноста и можноста за раст и развој на државата која е земја членка на НАТО, земја со отпочнати преговори со Европската Унија и инвестираат и отвораат нови, добро платени работни места”, потенцираше премиерот Ковачевски.

Осврнувајќи се на минатата година, премиерот нагласи дека 2022 година е заокружена со нови инвестиции од над 430 милиони евра нови инвестиции и 2.300 нови работни места. Само во технолошко-индустриските зони имаме над 16.500 вработени, а тоа се над 10.000 работници од 2017та досега.

Ова темпо продолжува и понатаму. Со реализацијата и изградбата на коридорите 8 и 10-д, овозможуваме нови 8.000 работни места, нови инвестиции од 1,3 милијарди евра и номинален раст на БДП за 2% годишно во наредните 5 години”, рече премиерот Ковачевски.

Сите мерки и системски решенија кои ги носи Владата, нагласи премиерот, се насочени кон подобар животен стандард на граѓаните.

„Оваа зима пак, не изоставивме никого. Покажавме одговорност и донесовме неколку пакети антикризни мерки во износ од над 760 милиони евра, со кои го заштитивме животниот стандард, но и работните места. Ова е време на солидарност, но и време кризата да се препознае како можност.

Знаеме дека секогаш може подобро и повеќе и за тоа и се бориме. Оваа посветена работа ќе продолжи и понатаму”, вели премиерот Ковачевски, кој порача:

„За Вас вратите во Владата се секогаш отворени. Заедно, рамо до рамо, ќе ги решаваме сите предизвици, а во мене и во Владата вие секогаш ќе имате сојузник”.

Слични содржини