Владата ги „падна“ цените, експертите поделени дали одлуката е правилна: „Замрзнувањето на маржата е пологично, секое чепкање на пазарот е погрешно“

од Nikola Popovski
341 прегледи

Владата реши да стапи на сцена и директно да ги намалите цените на дел од основните прехранбени производи кои енормно се зголемија во последните година-две. Најпрвин од 1-ви март се замрзна цената на белиот и полубелиот леб на 33 денари, а денеска беше најавено дека од 16-ти март ќе се замрзнат цените и на тестенините и млечните производи. Следната недела ќе се прават анализи дали ќе бидат замрзнати цените на шеќерот, јајцата и оризот, иако се претпоставува дека се оди кон тој правец.

Економските аналитичари ја поздравуваат ваквата одлука, но сметаат дека замрзнувањето на маржите е чекорот кој треба да го следи државата. Арбен Халили, кој воедно е дел од Стопанската комора на Северозападна Македонија, за „Локално“ вели дека тоа е подобро бидејќи има трговци и компании кои што увезуваат суровина или роба од надвор и ја препродаваат тука.

Арбен Халили

-Може да се случи во одредени ситуации, робата од надвор да е увезена со повисока цена и тука нормално со овие мерки од државата да се наметне да се продава поевтино. Во својство на член на Надзорен одбор на Стопанската комора на Северозападна Македонија ние сме го кажале овој став и за нас замрзнувањето на маржата е пологично. Сепак, за поздравување е што настапи државата бидејќи тоа нашите трговци не го увидоа и мораше да преземе улога некоја скриена рака, порачува Халили.

Тој сепак ја поздравува одлуката на Владата за замрзнување на цените на основните производи.

-Реално требаше да се направи намалување на цените, но бидејќи нашите трговци навикнати се само да ги зголемуваат, а не да ги следат регионалните и светските трендови, повеќе од неопходно беше да стапи на сцената Владата и Министерството за економија. Ова се покажа како ефикасна мерка и во време на пандемијата и нормално дека од тие последици, како и војната во Украина да се зголемат вака цените, објаснува соговорникот.

Халили ја критикува опозицијата бидејќи не ги поздравува мерките што се во интерес на граѓаните.

-Обврска на секоја опозиција е да ги критикува мерките на Владата, но коректно е да се опамети и да почне да ги поздравува мерките кои што одат во интерес на сите граѓани. Од друга страна, власта треба да ја земе во предвид што се нуди од опозицијата како мерка што може да биде подобра и да ги прифати. Сепак еднаш засекогаш да расчиситиме една работа – во кризни периоди, во моменти кога џебот на посиромашните, бидејќи кризата секогаш ги погодува сиромашните, а за жал побогатите стануваат побогати, не треба да се игра со чувствата на граѓаните и треба да настапиме сите коректно, дециден е аналитичарот.

Предлага да се воведе дополнителна мерка за кризните „профитери“.

-Во ваква ситуација кога имаме кризни „профитери“ кои се здружуваат за да не ги намалат цените, добро е што е идентификувано од државата, треба една дополнителна мерка да се направи. Тие кои што се здружиле и максимално ја искористеле помошта на државата, треба да почне да враќаат дел од придобивките кои што ги имаат искористено. Не може бизнис заедницата да ги почитува мерки кога е во нејзин интерес или да не ги почитува кога не е во нејзин интерес. Или за сите или за ниту еден, бара Халили.

Абил Бауш

Универзитетскиот професор и економски аналитичар Абил Бауш во разговор за „Локално“ оценува дека секоја интервентна одлука која што го чепка пазарот е погрешна одлука затоа што живееме во пазарна и либерална економија. Тој оваа одлука не ја става во тие одлуки кои се економски одлуки, бидејќи ова, според него, се социјални одлуки со замрзнување на цените.

-Факт е дека ова замрзнување може да ви даде негативен импакт на пазарот – да добиете понеквалитетни произовид, а долгорочно и недостаток на одреден производ кој вие сте го ставиле со одредена маржа или во оваа ситуација со замрзнати цени. Овие одлуки се прават интегрирани, имајќи ги во предвид интересите на сите страни кои се на пазарот. Ако носите арбитрарна одлука со која едната страна ја замрзнувате, тогаш директно влијаете на пазарот, а тоа секако ќе ви донесе негативен импакт во иднина. Затоа замрзнување на цените и маржите се повеќе социјални одлуки, ни објаснува Бауш.

Аналитичарот потенцира дека опозицијата треба конкретно да каже што нуди.

-Не видов некоја одлука да даде опозицијата, бидејќи можеби и тие имаат некој вид интерес во ситуацијата. На пример, ако сакате да донесете жито со помала цена на чинење, тогаш ќе направите намалување на даночните стапки и да го ослободите пазарот од бандероли и секакви економски такси и нецарински такси. Ако вие направете интервентни или ослободувачки мерки за одреден производ како житото, маслото, млекот, тогаш ќе имате конкурентни производи од соседството. Да речеме жито би донеле од Украина кое во моментов парадоксално е поевтино од српското и ќе направите еден вид намалување на цените на енергенсите. Еве уште една мерка – да направите замрзнување на цените на нафтените деривати и електричната енергија како што направи ЕУ. Тоа е долгорочно. Замрзнувате стратешки енергенси кои што ќе имаат импакт и врз населението. Таа арбитрарна улога би ја имале во ситуацијата. Мора да кажете одреден модел, не само да критикувате, апелира Бауш.

Кога ние негодувавме дека не треба да има маржи, порачува професорот, туку да се ослободи пазарот бидејќи сме мала економија, се случи ова со кризните профитери.

Тој истакнува дека од 2020 година досега за директни субвенции се потрошиле 700 милиони евра, 650 милиони евра за стопанството, а граѓаните добиле 50 милиони евра и нема никакви резултати.

-Дали ќе направите даночно олеснување нс некои производи или ќе го ослобдите пазарот за некои производи за да направите конкурентски однос и стопанство. Имате некои парадоксални работи кои ни се случуваат, а ние штитиме одредени производи кое не можат да ги задоволат потребите на самите граѓани, а камоли да има некој експорт на тој производ. Треба да се направи комплетна стратешка политика, особено сега кога сте во кризна ситуација. Секоја држава тоа го прави – сега стратешка политики на кои влијанието ќе го има после 15, 20 години. Овие одлуки ви се џабе и секојдневни и се еден вид популизам ако не инвестирате во стратешки цели, ни рече Бауш во својата анализа.

Н.П.

Слични содржини