„Согласно програмата за работа на Владата во делот за еднакво општество, Владата ќе го повика, охрабри и ќе соработува со бизнис секторот т.е домашните и странски компании да ги поддржат добрите меѓуетнички односи и вредностите на толеранција, застапеноста и меѓусебна доверба и во нивните работни средини, за да се искористи целокупниот човечки потенцијал со кој располага нашата земја“, реагираат од владата на изјавата на првиот вицепремиер Груби синоќа за ТВ 21.
„По однос на економските политики, Владата ги помага и ќе ги помага компаниите за вработување на сите невработени граѓани, преку еднаков пристап кон сите граѓани и компании кои имаат потреба од таква поддршка. Општествата во услови на криза треба да се засноваат на компетититвност на квалитети од различна припадност, како и на поддршка на најранливите заедници“, додаваат оттаму.
Груби во гостување на ТВ 21 изјави дека Владата ќе субвенционира приватни компании кои ќе вработат Албанци или граѓани од другите помали етнички заедници.
-Доколку приватни компании вработуваат Албанци или граѓани од другите помали етнички заедници ќе ја разгледаме можноста да ги субвенционираме овие компании. Сите компании кои ќе ја запазат правичната застапеност ќе бидат помогнати од владата“ потенцираше првиот вицепремиер.