Владата планира да ги понижува работниците со укинување на „Недела неработен ден“, политика која е повторно по барање на трговците и бизнисот, порача денеска лидерот на СДСМ Венко Филипче на прес конференција на која направи пресек на првите шест месеци од мандатот на Владата.
Филипче алармира и дека се заговара зголемување на старосната граница за пензионирање што според него е удар врз работниците.
,,Еден од најзначајните проекти на СДСМ со кој стотици илјади вработени добија гарантиран слободен ден со семејствата може да биде укинат. Дополнително, се заговара зголемување на старосната граница за пензионирање и покачување на ДДВ на 19,5%. Мерки кои ќе значат уште еден удар и буквално нокаут за граѓаните и работниците.
Почитувани граѓани, во овие шест месеци владата нема ниедна мерка и ниедна политика која реално носи некаква економска придобивка за граѓаните, а сите политики се во насока на ограничувањето на стекнатите права на работниците. Ова е поразителен факт за сегашноста во која живееме. Истовремено, не ги намалија функционерските плати, туку сега ја сменија плочата од кампањата и велат тие немале да растат” рече тој.
Филипче додаде дека ВМРО-ДПМНЕ никогаш не се грижеле реално за граѓаните и нивниот животен стандард туку само за бизнис интересите и нивните бизнис поддржувачи.