Владата до август годинава потрошила 243,5 милиони евра од владините девизни депозити, а кои се дел од девизните резерви на Македонија и тоа е една од главните причини зашто се намалуваат државните заштеди. Според последниот извештај на Народната банка на Македонија девизните резерви на крајот на јули изнесувале 2,198 милијарди евра и се помали за околу 238 милиони евра од почетокот на годината или за околу 56,6 милиони евра споредено со претходниот месец.

Во својата анализа Централната банка вели дека еден од главните фактори за намалувањето на девизните резерви е отплатата на обрските на државата кон странство. А тие обврски Владата ги плаќа од девизните заштеди кои ги чува во НБМ. Но, од истите средства таа плаќа и дел од трошоците кои ги прави на домашниот пазар, коментираат познавачите на приликите.
Девизните резерви на владата се полнат со заеми од странски и од меѓународни кредитори како и со девизите прибрани од задолжувањата по пат на еврообврзиците на Македонија на меѓународниот пазар… Во август 2014 година, кога на девизната сметка на државата легнаа 500 милиони евра од третата еврообврзница, владините депозити во НБМ изнесуваа 679 милиони евра. Од тогаш до крајот на јули се покуси за 453 милиони евра, стои во билансите на НБМ.
Народната банка на Македонија наведува уште една причина за намалувањето на државните заштеди, а тоа се нејзините интервенции на девизниот пазар на Македонија преку кои, за да ја одржи стабилноста на денарот, е приморана да продава или откупува девизи./ Б.К