Владата одлучи да ги замрзне цените на тестенините (шпагетите и макароните) за 15 проценти, односно во просек за 8 до 9 денари, како и на млечните производи. Ова денеска го соопшти премиерот Димитар Ковачевски.
-Исто така се укинуваат царинските давачки увоз на овие продукти од 13 март до 31 мај 2023 година. Исто така се замрзнуваат цените на млечните производи како трајно кравјо млеко со масленост од 2,8, 3,2 и 3,5 %. Потоа урда, кравјо бело сирење и мешано бело сирење, кашкавал, кисело млеко, павлака и јогурт без додатоци. Оваа одлука ќе се применува од 17 март до 31 мај оваа година. Владата ќе продолжи да носи одлуки кои го штитат интересот и стандардот на граѓаните, порача Ковачевски денеска на прес-конференција во Владата.
Министерот за економија Крешник Бектеши порача дека разговарале со стопанските комори за ваквата одлука за замрзнување.
-Согласно сите анализи од секторот трговија се утврдува дека повеќето од компаниите ја користат максималната маржа и се здружени со цел да не ги намалат профитите. Затоа одлучивме како Министерство, во соработка со Владата да одиме со замрзнување на цените. Ќе ни останат само шеќерот, оризот и јајцата. Ако не ги намалат цените, и за нив ќе се донесат вакви одлуки, кажа Бектеши како дополнување на Ковачевски.
-Ова не е закана, туку одговорно однесување на Влада во време на криза. Очекуваме солидарност од сите стопанственици со цел кризата да не биде врз грбот на граѓаните. Има простор за одлично намалување, имајќи ги во предвид увозните цени и цените со кои тие ги произведуваат своите производи, рече министерот за економија.