Владата го разреши раководството на фабриката Колска

од Берта Китинска
161 прегледи

Од Владата и официјално информираат дека е разрешен управителот и членовите на Надзорниот одбор на Колска.

„Владата на Република Северна Македонија, на денешната, 90-та седница, ги разреши управителот и членовите на Надзорниот одбор на фабриката за шински возила „Велес“, ДООЕЛ – Велес (во јавноста позната под називот Колска).На седницата е констатирано дека раководството на фабриката покажало негативни финансиски резултати во работењето и покрај тоа што на овој субјект е доделена финансиска поддршка од страна на Владата“, се вели во соопштението на Владата доставено до медиумите.

Менаџерскиот тим на фабриката за шински возила „Колска“ ќе биде разрешен поради неиспорачување резултати, кажи премиерот Димитар Ковачевски.

„Денес имаме штрајк на вработените од фабриката ‘Колска’, меѓутоа директорот и членовите на управниот одбор ги нема. Тие треба да бидат соработниците. Ако сте директор и само доаѓате на седница на Влада без ништо да направите во вашето претпријатие, да рационализирате процес, да унапредите приходи кои ги имате, да зголемите наплата, да намалите трошоци, а единствено што знаете е да барате финансиска помош тогаш не ми треба таков директор. Јас со такви директори не сакам да работам“, рече премиерот Димитар Ковачевски на денешната прес конференција.

Вработените од оваа фабрика денеска протестираа пред Владата барајќи исплата на заостанатите плати и решавање на проблемот со блокираната сметка на фабриката.

Тие и вчера два часа го блокираа патниот и железнички сообраќај на железничката станица во Велес. Сметката на „Колска“ е блокирана поради заостанат долг од околу 650 илјади евра направен во периодот од 2013 до 2017 година.

Слични содржини