Владата на Република Северна Македонија, на денешната седница, со цел обезбедување топлинска енергија во Скопје, донесе одлука со којашто на ЕСМ Продажба ДООЕЛ Скопје му се наметнува обврската за обезбедување на оваа јавна услуга.
Обврската на ЕСМ ДООЕЛ Скопје се однесува на вршење енергетска дејност: регулирано производство на топлинска енергија за потребите на потрошувачите на дел од подрачјето на градот Скопје и тоа за подрачјата на општините: Аеродром, дел од Гази Баба, Ѓорче Петров, Карпош, Кисела Вода, Центар и Чаир, како и за обезбедување топлинска енергија за покривање на загубите во системот, системска резерва и системски услуги за одржување на потребните работни параметри во рамките на системот за топлинска енергија за овие делови од Град Скопје.
Државната компанија „Електрани на Северна Македонија“ (ЕСМ) зимава ќе го преземе снабдувањето на потрошувачите од Скопје со топлинска енергија, откако беше постигнат договор со сопственикот на топланите „Исток“ и „Запад“, компанијата „Адора инженеринг“, за државно изнајмување на топланите претстојнава грејна сезона.
Премиерот Димитар Ковачевски на вечерашната прес конференција соопшти дека според договорот за закуп за топланите, ЕСМ ќе и плаќа 390.000 евра годишно на Адора, која е сопственик на топланите.