Владата ја продолжи кризната состојба за уште 30 дена

од Nikola Popovski
19 прегледи

Владата ја информира јавноста дека на последната владина седница донесена е одлука за продолжување на кризната состојба во рок од 30 дена. Со ова продолжување се обезбедува навремена помош за сите засегнати подрачја, односно сите ресурси вклучително и човечки, технички, логистички остануваат мобилизирани, сè со цел да се справат со пожарите и заштита на населението од огнените стихии.

-Имено, поради висок ризик од шумски пожари во државата, апелираме до граѓаните да бидат внимателни и да ја почитуваат целосната забрана за движење во шумите и шумското земјиште (донесена од 01.07.2025 година и ќе трае до 31.08.2025 година), во спротивно сите оние кои не се придржуваат кон оваа одлука, која е донесена за спречување на пожари, ќе бидат казнети со парична казна од 1.500 до 2.000 евра, информираат од „Илинденска бр.2“.

Од ЦУК информираа дека денеска нема активни пожари и дека дождот им помогнал на екипите на терен да ги изгасат жариштата. Во меѓувреме, започна дводневната обука на 34 – ца од пријавените кандидати кои се јавија на владиниот јавен повик за превенција. Во текот на наредната недела дел од нив ќе бидат вклучени во гаснењето на терен на жариштата со помал ризик.