Државните студентски домови ќе добијат финансиска помош од Владата за да ги подмират долговите.
Ова станува јасно од донесената одлука на вчерашната владина седница.

Имено, Државниот студентски центар „Скопје“, под чија закрила функционираат студентските домови „Стив Наумов“, „Гоце Делчев“ и „Кузман Јосифовски – Питу“ имаат долгови од 4,5 милиони евра па токму тие ќе бидат покриени од Владата.
Согласно податоците за неподмирени и преземени обврски на ДСЦ „Скопје“ до 31 мај, долговите достигнуваат 282.754.637,00 денари. Од нив, за комунални услуги, греење, комуникација и транспорт долгот е 101.720.685 денари или 1,6 милиони евра.
„Доколку, раководството на ДСЦ „Скопје“ – Скопје, навреме ги подмируваше долговите и обврските, немаше да се доведат студентите кои се сместени во Студентскиот дом ’Гоце Делчев’ но и во останатите студентски домови да ги подготвуваат испитите во темница, и да стравуваат дека ќе останат без електрична енергија или вода за пиење и елементарни услови за престој во објектите“, соопштија од Министерството за образование пред неколку месеци.
Значи ли оваа одлука вовед во реформи во кои студентите конечно ќе бидат третирани како што му доликува на еден академски граѓанин?