Владата ќе расправа за модернизацијата на „Ќафасан“ и ТЕЦ Битола

од Vladimir Zorba
76 прегледи

Владата на Република Северна Македонија денеска ќе одржи редовна седница на која ќе се расправа за повеќе предлог информации од областа на финансиите, економијата, земјоделството, здравството…

На 128 седница, на предлог на Министерство за финансии ќе бидат разгледани информациите за реализација на проектот „Надградба на објектите за царинење и инспекциски органи на граничниот премин Ќафасан“ и за напредокот во имплементацијата на Проектот за подобрување на општинските услуги заклучно со јануари годинава.

Електрани на Северна Македонија ќе ја презентира Информацијата за модернизацијата на парните котли во ТЕЦ Битола, а Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој како точка на дневниот ред на оваа владина седница ја предлага Информацијата во врска со вложувања во инфраструктурни проекти финансирани од Програмата за финансиска поддршка на руралниот развој за 2018 година, најави владината прес-служба.

На предлог на Министерството за здравство на седницата ќе се побара мислење во однос на Информацијата за висината на средствата за набавка на опрема за вршење на лабораториски анализи на детски играчки и можноста од обезбедување на средства за набавка на потребната опрема во рамки на сопствениот буџет на министерството.

Редовната седница е предвидено да започне во 12 часот.