Владата на денешната седница донесе заклучок петте кандидати за државен јавен обвинител, доставени од Собранието по завршувањето на јавниот оглас, да бидат проследени до Советот на јавните обвинители, во согласност со законските процедури.
На прес-конференција, владината портпаролка Марија Митева информираше дека Собранието на Северна Македонија ја известило Владата за завршувањето на огласната постапка и за доставувањето на листата од пет кандидати.
„Владата донесе заклучок, согласно законските одредби, кандидатите да ги достави до Советот на јавните обвинители, кој има рок од 15 дена да даде образложено мислење“, изјави Митева, додавајќи дека по завршувањето на сите формално-правни постапки, документацијата ќе биде испратена во наредните денови.
Иако од собраниската прес-служба официјално не ги објавија имињата на кандидатите, дел од пријавените јавно потврдија дека станува збор за актуелната в.д. државна јавна обвинителка Анита Тополова-Исајловска, обвинителката Ленче Ристовска, судијата од Кривичниот суд Ненад Савевски, поранешниот претседател на Кривичниот суд Владимир Панчевски и обвинителката од Основното јавно обвинителство Скопје Лидија Раичевиќ.
По оставката на поранешниот државен јавен обвинител Љупчо Коцевски во декември минатата година, функцијата в.д. државен јавен обвинител ја презеде Тополова-Исајловска, со мандат ограничен на најмногу шест месеци, согласно законот.
Постапката за избор на нов државен јавен обвинител започна со јавен оглас распишан од Собранието на 12 јануари 2026 година, со рок за пријавување од 15 дена. Согласно законските услови, кандидатите треба да имаат најмалку 10 години непрекинат работен стаж како јавни обвинители или судии од областа на кривичното право.
Според Законот за Јавното обвинителство, по доставувањето на кандидатурите, Владата бара мислење од Советот на јавните обвинители, кој е должен во рок од 15 дена да достави образложени ставови. Доколку Советот не даде позитивно мислење за ниту еден кандидат, Владата нема да може да утврди предлог и ќе му предложи на Собранието распишување нов оглас. Новиот државен јавен обвинител ќе треба да биде избран со најмалку 61 глас од пратениците.