Владата ќе истражува дали одредени маркети ги изигруваат законите

од Nikola Popovski
84 прегледи

На вчерашната прес-конференција беа потенцирани два ланци на маркети кои што можеби, според ваши колеги, прават одредени изигрувања на законите и процедурите и денеска истите тие ќе подложат на ригорозна контрола. Според информациите со кои што располагаме, имаме околу 20 илјади коминтенти по ланец супермаркети и ќе треба длабоко да се навлезе во тоа да видиме дали постојат вакви индиции. Истовремено и други трговски објекти ќе бидат подложни на вакви контроли, кажа денеска претседателот на Владата, Христијан Мицкоски од касарната „Гоце Делчев“ во Општина Аеродром.

Премиерот тврди дека стандардот на граѓаните е приоритет на Владата и дека се „сериозни“ во намерите. Вели дека имаат право и обврска да го штитат интересот.

Вчера, одговарајќи на новинарско прашање дали е точно дека дел од производителите се уценувани од големи синџири на маркети кои се обидувале да го изиграат Законот за нефер трговски практики, давајќи им договори со маржи од 10 отсто, а потоа нуделе специјални договори со маржи и до 45 проценти, Мицкоски изјави:

„Од овој момент, кога ќе ја напуштам оваа прес-конференција, ќе се обратам до соодветните институции веднаш да преземат мерки“.

Новинарот ги спомна имињата на супермаркетите „Тинекс“ и „Веро“.

Слични содржини