Владата ќе субвенционира: „Виз Ер“ и „Луфтханза“ со нови авиолинии до пет дестинации

од Nikola Popovski
211 прегледи

Со субвенции од Владата, германската авиокоманија „Луфтханза“ ќе воведе една нова авиолинија – од Скопје до Франкфурт, а „Виз Ер“ четири, – од Скопје до Луксембург, Штутград, Салцубург и до Љубљана.

Премиерот Димитар Ковачевски и министерот за транспорт и врски Благоја Бочварски на прес-конференција објавија дека е успешен повикот за субвенции за нови авиолинии што заврши на 31 март и оти е склучен договор со „Луфтханза“ и „Виз Ер“.

„Луфтханза“ ќе лета од Скопје до Франкфурт од 23 април десет пати неделно, а „Виз Ер“ за новите четири дестинации три пати неделно од 1 ноември годинава. Финансиската поддршка ќе изнесува седум евра во денарска противвредност по патник во заминување превезен од Меѓународниот аеродром Скопје.

– Со „Луфтханза“ преку Франкфурт се поврзуваме со повеќе од 200 дестинации. Преку субвенцонирање на авиолинии овозможуваме раст на економијата и на авиосообраќајот, рече Ковачевски на прес-конференција во Владата.

Бочварски потенцираше дека се воведени нови дестинации за кои имало голем интерс од граѓаните.

– Има дополнителни средства да се објави нов повик кон крајот на годината со цел да се привлечат нови дестинации, најави Бочварски.

Министерството за транспорт и врски во својот буџет годинава има предвидено 1,1 милион евра за оваа намена, а вкупно пет милиони евра за тригодишната програма.

Слични содржини