На денешната 69-та седница, Владата на Северна Македонија ги усвои најновите мерки кои се однесуваат на ограничувањето на движењето на граѓаните, како и други мерки што ги предложи Комисијата за заразни болести (КЗБ).
Согласно новите измени и дополнувања забраната за движење на населението и на возила од јавен превоз на територија на Република Северна Македонија, наместо како до сега, ќе започнува во 24:00 часот и ќе трае до 4:00 часот наутро, почнувајќи од 13 мај 2021 година со важност до 18 мај. Исклучок од забраната и посебниот режим на движење се вечерните часови на 12 мај за време на верскиот празник Рамазан Бајрам.
Почнувајќи од 12 мај 2021 година (среда) до 18 мај 2021 година (вторник), угостителските објекти ќе се затворат за посетители – гости од 23:30 часот, а за време на дозволеното работно време се дозволува работа само на отворените делови – тераси од угостителскиот објект.
Исклучок од ова ограничување се угостителските објекти на Меѓународниот Аеродром Скопје и Аеродромот „Св.Апостол Павле“ во Охрид, како и угостителскиот објект/дел за исхрана во угостителските објекти за сместување (хотел, мотел, хостел, пансион и друг објект за сместување) за посета од лицата сместени во овие објекти.
Од 12 мај престанува да важи мерка за забраната за посетители – гости во сите вежбални, фитнес клубови, спортски центри и сали наменети за вежбање, во затворен простор, како и во игротеките, но работата во овие објекти задолжително треба да се одвива според протоколите за работа.
Владата денеска ја прифати и препораката на КЗБ во установите за згрижување и воспитание на деца, да се зголеми бројот на згрижени деца во воспитните групи до две годишна возраст – најмногу до 15 деца, а во воспитните групи од 2-6 годишна возраст – најмногу до 20 деца.
Со одлука на Владата од денешната седница престанува да важи и наредената мерка со која се забранува користење на годишни одмори, платени и неплатени отсуства од сите вработени лица во здравствениот сектор, односно се дозволува нивно користење, согласно планот на раководителот на институцијата, без да се наруши нормалното и тековно функционирање на системот на работа во здравствените установи.
Како дел од овие мерки е и одлуката дека сите настани и други слични јавни активности (културни, научни и забавни) може да продолжат да се одржуваат согласно наменските протоколи до 30 % исполнетост на капацитетите во внатрешноста на објектите и до 50% исполнетост на отворените простори. Спортските настани и понатаму се организираат без физичко на присуство на публика.