Словенечката влада го прекина финансирањето на националната новинска агенција СТА, чија работа беше многу критикувана од конзервативниот премиер Јанез Јанша, изјави словенечкиот службеник Урош Урбанија.
„Не можеме да ја финансираме СТА или да потпишеме нов договор за 2021 година“, рече Урбанија пред новинарите, објаснувајќи дека раководството на агенцијата не доставило сметки до владата.
Информативната служба ја финансираше агенцијата, основана во 1990 година кога земјата одлучи да ја напушти Југославија, во износ од два милиони евра годишно.
Директорот на СТА, Бојан Веселиновиќ, за државната телевизија изјави дека ги дал сите потребни информации, но одби да даде информации за вработените и уредничката работа.
Наскоро по стапувањето на функција во март, словенечкиот премиер Јанез Јанша ги критикуваше медиумите на Твитер, ставајќи го под знак прашалник неговото лидерство во борбата против епидемијата на коронавирус.
Јанша тогаш ги обвини медиумите за ширење лажни вести и за служење на интересите на опозицијата.
Јанша во октомври објави и дека СТА е „национална срамота“ затоа што агенцијата даде повеќе простор на интервју со музичар кој ја критикуваше владата отколку на средбата што ја имаше со унгарскиот премиер Виктор Орбан.
Здружението на словенечки новинари го осуди прекинувањето на финансирањето на агенцијата.
„Очигледно станува збор за нов обид за уништување на националната новинска агенција, што е еден од столбовите на непристрасно и квалитетно информирање“, велат од здружението, додавајќи дека вакво нешто веќе е видено во Унгарија.