Владата на Мицотакис пред гласање за доверба по новите докази за железничката несреќа

Во меѓувреме, владата на Мицотакис инсистира дека нема кривична одговорност туку само политичка одговорност за министрите, тврдејќи дека инволвираните тогаш поднеле оставки.

од Бети Божиноска
178 прегледи

Грчката централно-десничарска влада (ЕПП) денеска ќе се соочи со гласање недоверба што го иницираа опозициските партии по извештајот во медиумите кој сугерира дека разговорите меѓу работниците во возот ноќта на несреќата во која загинаа 57 лица биле монтирани, пренесува „Еурактив“.

Иницијативата за гласање недоверба беше покрената од опозициската Панхеленска социјалистичка партија (Пасок) и поддржана од други опозициски партии. Лидерот на опозициската Сириза, Стефанос Каселакис, направи чекор понатаму, повикувајќи го грчкиот премиер Киријакос Мицотакис да си поднесе оставка и да распише предвремени избори со присуство на „меѓународни набљудувачи“.

Иако владата на Мицотакис има силно мнозинство и најверојатно ќе го преживее гласањето, аналитичарите проценуваат дека тридневната дискусија што ќе следува ќе ги стави на тест многу владини претставници кои ќе мора да понудат одговори за несреќата.

Пред една година, меѓуградски патнички воз кој соображал на линијата од Атина до Солун со голема брзина се судри со товарен воз близу Лариса во централна Грција, при што загинаа 57 лица, главно студенти. Оттогаш, напредокот на истрагата е бавен, а опозициските партии и роднините на жртвите сугерираат дека владата се обидува да го прикрие.

Во меѓувреме, роднините на жртвите собраа повеќе од 1,3 милиони потписи за петиција која неодамна беше поднесена до Европскиот парламент. Во петицијата се бара од ЕУ да се вмеша, да ја истражи несреќата и да ги повика на одговорност политичарите – кои се заштитени со имунитет –  за кривични дејства.

Европратениците од сите политички групи во Европскиот парламент ја поддржаа петицијата, сугерирајќи дека институциите на унијата треба внимателно да го следат напредокот на истрагата.

Во меѓувреме, владата на Мицотакис инсистира дека нема кривична одговорност туку само политичка одговорност за министрите, тврдејќи дека инволвираните тогаш поднеле оставки. Но, „То Вима“ откри нови докази за несреќата што викендов предизвикаа политички земјотрес во Атина.

Имено, во статијата на „То Вима“ беше сугерираше дека разговорите меѓу работниците во возот ноќта на несреќата – кои беа јавно објавени веднаш по несреќата – биле „монтирани“ за да се зајакне аргументот за „човечката грешка како причина за несреќата“.

Владата ги отфрли тврдењата, нарекувајќи ги „лажна вест“ но досега не понди конкретни одговори за тоа кој се имал пристап до аудио-записите од разговорите на железничките работници. Некои владини претставници ја нападнаа и групацијата AlterEgoMedia – во која припаѓа „То Вима“ – алудирајќи на „организирани економски интереси“, што предизвика бесна реакција од групацијата.

„Медиумите на AlterEgoMedia ќе продолжат со упорност, трпение и со професионална компетентност да работат во чисто етички контекст, против владините практики што ја доведоа земјата на 107-то место во светот во однос на слободата на печатот“, рече групата во соопштението.

AlterEgoMedia беше единствената медиумска група која одби да ги прифати државните средства обезбедени од владата за време на пандемијата.

 

Слични содржини