Владата на Србија го задолжи Вулин за соработката со БРИКС

од Vladimir Zorba
530 прегледи

Српскиот вицепремиер Александар Вулин ќе биде задолжен за подобрување на соработката со земјите од БРИКС (Бразил, Русија, Индија, Кина, Јужна Африка), додека министерот без ресор Ненад Поповиќ ќе се занимава со положбата на црквата во земјата и во странство, соопшти денеска владата на Србија.

Како што се наведува во соопштението, Владата на седницата во саботата донела одлука за надлежностите и делокругот на работа на потпретседателот и министрите без ресор во новиот мандат на Владата на Србија.

Вулин и Поповиќ се на списокот со санкции на САД поради нивните врски со Русија.

Владата на Србија одлучи Вулин да биде задолжен, во координација со претседателот на Србија, Александар Вучиќ, „да го следи статусот на проектите од надлежност на неколку министерства и специјални организации на Владата“.

„Исто така, ќе предложи мерки за подобрување на соработката на Република Србија со земјите од БРИКС, ќе ја следи состојбата и ќе предложи мерки за зајакнување на врските на државните органи со граѓаните на Република Србија во дијаспората“, соопштија од Владата. .

На Ненад Поповиќ му беше доделено „да ја следи состојбата, да предлага мерки и да учествува во координацијата на активностите на полето на меѓународната економска соработка, како и општествената положба на црквата во земјата и странство“.

Поповиќ во иднина ќе ги координира и сите активности насочени кон реализација на проектот „Tačka ključanja Srbija“. Станува збор за непрофитна организација, формирана во 2022 година како дел од билатералната соработка меѓу Владата на Република Србија и Руската Федерација.

Ненад Поповиќ е под санкции на САД од ноември 2023 година, додека Вулин, поранешниот директор на Безбедносно-информативната агенција (БИА), беше санкциониран во јули истата година. И двајцата се на „црната листа“, меѓу другото и поради врските со Кремљ.

Вулин, како вицепремиер, неодамна беше во неколкудневна посета на Русија, каде се сретна со претставници на Руската Федерација (РФ) од безбедносниот, воениот и политичкиот систем.

Слични содржини