Владата не ги ограничи маржите, сопствениците на маркети на нова средба со Дурмиши

од Nikola Popovski
344 прегледи

Стопанската комора на трговци на големо и мало, основана пред неколку дена, а се уште во фаза на упис во Централниот регистар, изрази задоволство од прифатеното барање доставено до Владата за итна средба, во врска со одлуката за ограничување на маржите од 10 проценти на основните прехранбени производи.

-Според одлуката од средбата, на која премиерот г-дин Христијан Мицкоски го задолжи министерот за економија и труд, да одржи нова средба со нас, на 14.02.2025 година, во текот на денешниот ден ќе излеземе со ставови, кои ќе ги образложиме на средбата, кои ќе бидат анализирани со цел да се изнајде заедничко решение, велат сопствениците на маркети и продавници.

-Сакаме да се создаде поволна клима за работа за сите чинители од секторот, да не се трпат штети, а сето тоа во интерес и на нашите потрошувачи, додаваат во соопштението.

Владата вчера не ја донесе одлуката за 10-процентно ограничување на маржите во трговијата на мало и големо што требаше да важи до 30 април и да опфати над 100 групи производи. Одлуката требаше да биде донесена врз основа на извештајот од Државниот пазарен инспекторат, според кој кај трговците на мало е утврдено дека има над 20 отсто маржа на основните прехранбени производи и над 30 отсто маржа кај средствата за лична хигиена, додека кај увозниците дистрибутери се евидентирани повисоки маржи кои одат дури и до 50 отсто.

Дополнително ќе се утврдува дали ќе се прави Велигденска и Рамазанска кошничка. Министерството за економија е задолжено заедно со другите надлежни институции да одржат итен состанок за да се разгледаат и други долгорочни мерки со кои би се решила состојбата со растот на цените. До петок контроли ќе има и кај производителите на млеко и млечни производи и производителите на месо.

Слични содржини