СДСМ ја обвинува Владата дека не ги заштитила граѓаните, па оттаму се најавите за бојкот на маркетите кои се шират на социјалните мрежи. Од партијата на Венко Филипче велат дека со месеци апелирале и нуделе конкретни решенија за проблемот со цените.
-Наместо ВМРО-ДПМНЕ да ги прифати веќе проверените мерки со кои СДСМ се бореше со ценовните шокови, тие решија да го остават проблемот и да го менаџираат со лажни кошнички. Резултатот го гледаме денес, осиромашени граѓани кои треба да бираат кој од основните производи да го купат, истакнаа меѓу другото од „Бихаќка“, барајќи од Владата итно да донесе мерки за заштита на граѓаните.
На социјалните мрежи се споделува фотографија која повикува на бојкот на маркети на ден 31.01.2025 (петок) под мотото „Попусто попусти кога цените се исти“.
-Хрватите не случајно се во ЕУ. Ајде да видиме колку сме ние на тој пат – Mалку е еден ден, сите ќе испазарат за цела недела и ефект нула – Би сакала ова да успее, треба да сме здружени, се само дел од коментарите на граѓаните на социјалните мрежи.
Од Левица за „Локално“ соопштија дека поддржуваат евентуална акција, но, бараат системски мерки од Владата. Според партијата на Димитар Апасиев, ако Владата продолжи со игнорирање на проблемите, Левица ќе размисли за покренување слична иницијатива или заедничка акција со синдикатите и граѓанските здруженија.
Бојкот на маркетите, продавниците и бензиските пумпи веќе имаше низ Хрватска минатиот петок. Акцијата беше оценета како успешна и постојат најави да продолжи. За овој петок се најавуваат слични бојкоти и во Црна Гора, БиХ и Словенија.